МИСИРКО – МИСИРКОВОТО, МИСИРКОВ – МИСИРКОВОВОТО

Во македонскиот јазик присвојните придавки се образуваат со помош на наставките – ОВ – ОВИ, и ЕВ – ЕВИ. Стојан – СТОЈАНОВ (СТОЈАНОВИ) и Илија – ИЛИЕВ ( ИЛИЕВИ). Ова се основните норми. Има уште други нијанси и правила, но сега не навлегуваме во таа материја. Овој пат вниманието ни е насочено кон нешто друго. Сакаме да обрнеме внимание на некои грешки кои се редовни и мошне зачестени. Грешки на кои речиси, никој не обрнува внимание. Рековме дека основното правило за формирање на присвојни придавки е додавањето на суфиксите – ОВ (ОВИ), ЕВ ( ЕВИ). Така се формираат и голем дел од презимињата во македонскиот јазик – СТОЈАНОВ, женски род СТОЈАНОВА, ФИЛИПОВ (ФИЛИПОВА) и така натаму.

Во нашава земја постојат повеќе манифестации или институции чии имиња се добиени според презимето на определени личности. Имаме – ПРЛИЧЕВИ беседи, РАЦИНОВИ средби. Пред извесно време слушнавме од македонската телевизија и за ВАПЦАРОВИ денови. Мошне често, кога се зборува за Мисирков, слушаме или читаме, МИСИРКОВОТО дело. МИСИРКОВОТО дело е големо, МИСИРКОВАТА дејност, МИСИРКОВОТО значење и така натаму.

По некоја инерција така се тераат овие работи, без да се размисли дека тука се прават многу грешки.

Случајно, ни паѓа на ум, името и презимето на Кузман Шапкарев. Тоа презиме сме го среќавале и само како Шапкар, а може да биде и Шапкаров. Ако треба сега да зборуваме за делото на овој човек, дали ќе речеме ШАПКАРОВОТО (ШАПКАРЕВОТО) дело? Да, можеме да речеме така, но на кое презиме ќе се однесува тоа? Единствено на презимето ШАПКАР. Значи, ШАПКАР – ШАПКАРОВО (ШАПКАРЕВО). Но, ако мислиме на презимето ШАПКАРОВ не можеме да речеме ШАПКАРОВОТО дело. Ако станува збор за Мисирков, исто така не можеме да речеме дека МИСИРКОВОТО дело е големо. Ако речеме така, тоа ќе се однесува на некој си МИСИРКО. Истиот случај е и со ВАПЦАРОВИ денови. Кога би било презимето ВАПЦАР, би одело ВАПЦАРОВИ денови, но ако е презимето ВАПЦАРОВ не можат деновите да бидат ВАПЦАРОВИ, туку ВАПЦАРОВОВИ. Истото ќе биде и со Мисирков, делото ќе биде МИСИРКОВОВО, а не МИСИРКОВО.

Според тоа и ПРЛИЧЕВИТЕ беседи би требало да гласат ПРЛИЧЕВОВИ беседи, ПРЛИЧЕВИ би биле ако се однесувале на некое презиме или име кои гласи ПРЛИЧЕ.

Прашањето е малку покомплицирано отколку што изгледа на прв поглед. Но, тоа е така, без разлика што некому не ќе му се допадне. Без разлика што на нашето уво тоа ќе му звучи малку необично.

Така е и во српскиот јазик. Таму не би рекле – ,,Велико је МИСИРКОВО дело,,, туку би рекле – “Велико је МИСИРКОВЉЕВО дело”. Во некои одамнешни времиња, кога Хрушчов го посети Белград, во еден белградски весник прочитавме – ХРУШЧОВЉЕВА посета, а не ХРУШЧОВА посета. На македонски тоа би се рекло – ХРУШЧОВОВАТА посета. Пред повеќе години Благоја Корубин го објаснуваше ова во “Јазичното катче” кое тогаш излегуваше во Нова Македонија, но луѓето и покрај тоа ја повторуваат оваа грешка.

Да заклучиме: МИСИРКО – МИСИРКОВО, МИСИРКОВ – МИСИРКОВОВО, ПРЛИЧЕ – ПРЛИЧЕВО, ПРЛИЧЕВ – ПРЛИЧЕВОВО, ВАПЦАР – ВАПЦАРОВИ, ВАПЦАРОВ – ВАПЦАРОВОВИ. Ако звучи малку необично (што не би требало, тогаш може слободно да се вели: Делото на Мисирков (наместо мисиркововото дело), денови на Вапцаров, делото на Шапкарев и така натаму.

Со РАЦИНОВИТЕ средби нема проблем. Неговото презиме е изведено од именка од женски род, РАЦА – РАЦИН, па нормално е РАЦИНОВИ. Кога би бил РАЦОВ, не ќе може РАЦИНОВИ, туку РАЦОВОВИ.

 

Благоја Ивчески

Loading