ТРЕТМАН НА ЗАВИСНИЦИ ОД ДРОГА ВО ЦЕНТАР ВО ПРИЛЕП

До кога може да се игнорира комплексниот проблем предизвикан од дрогата

Феноменот на дрогата и наркоманијата претставува глобален, сериозен и комплексен светски проблем. Посебно чувствителни на негативните последици од дрогата се земјите со несигурни економски и слаби социјални институционални системи. Македонија, за жал, припаѓа во кругот на изразито ранливите, подложни на сериозни последици од наркоманијата, поради внатрешната нестабилност на поширок општествен план (економски и политички-особено). Внатрешните и регионалните конфликти сигурно дополнително придонесуваат кон заслабнување на врзното ткиво на општеството и институциите, го попречуваат градењето на стабилниот систем на вредности. Негативните консеквенци, пренесени на индвидуален план, се манифестираат со нефункционални одбранбени механизми кај голем дел од личностите кои се раѓаат, растат и се развиваат во опкружување во кое доминираат фрустрации од секаков вид. Прилеп е една од општините со многу невработени. Егзистенцијалниот колапс, со кој се соочуваат домаќинствата, условува амбиент на безнадежност и бесперспективност за младите генерации. Тоа индиректно придонесува за секојдневен раст на зависниците од дрога, од кои, за жал, голем дел се на хероин. Според бројот на зависниците и според комплексноста на проблемот, Прилеп е меѓу првите три најзагрозени општини. Лекувањето на зависници од дрога датира од доцните 70-ти и раните 80-ти год. на минатиот век, со воведување на лекување со замена (метадон). Во 2005 год. Министерството за здравство поддржано од Глобалниот фонд отвори шест нови служби за превенција и лекување на злоупотреба на дрога, вклучувајќи и лекување со помош на метадон, во Струмица, Куманово, Штип, Охрид, Гевгелија и Тетово, и еден во главниот затвор во Скопје. Овие служби работат со поддршка на министерствата за здравство, за труд и социјална политика, Центрите за социјална работа, локалните заедници и невладиниот сектор. Поставени се основи за зголемување на покриеноста на територијата, поголема присутност на терапевтски служби и јакнење на институционалните капацитети. За уште посоодветен одговор, потребно е проширување на мрежата за превенција и лекување на злоупотреба на дрога.

Третман на зависниците во Прилеп

Високиот број на регистрирани зависници од дрога во Прилеп, кој се движи околу 500, ја наметнува неопходноста од што поскоро отворање на Центар за превенција и лекување на злоупотреба од дрога во Прилеп. Во меѓувреме, дел од зависниците се лекуваат амбулантски во психијатриската амбуланта или хоспитално на невро-психијатриски оддел во болницата. Поголем дел бараат излез од кошмарот во Центрите за лекување на зависници од дрога во Скопје, Битола и на други места, па и во странство. Наркоманијата како најтежок и, за жал, се поприсутен облик на зависност наметнува комплексен пристап. Неопходно е прифаќање на фактот дека зависноста е често долготраен и хроничен проблем за зависникот и неговото семејство, како и за пошироката заедница. Тоа бара адекватен, долготраен третман, каков што се применува кај хронични заболувања, како што се кардиоваскуларните, ендокрините и сл. Третманот кај наркозависниците е супституционата терапија. При тоа се става акцент на терапијата со метадон или бупренорфин. Овие препарати и овој вид на третман треба да се усвои и од медицинските лица, од зависниците и од јавноста, како безбеден начин за избегнување на сите попатни многу чести компликации. При тоа се мисли на заболувањата, како што се хепатит, тромбофлебит, ХИВ и други заболувања, како и хероински интоксикации кои, за жал, често се кобни за зависниците.

Спречување на рецидиви

Патот за избегнување на сите ризици од хероинската зависност води кон прифаќање на супституционата терапија со метадон или бупренорфин, со што се избегнува секојдневниот финансиски притисок, пред кој е исправен наркоманот, да обезбеди пари за да ја набави неопходната доза. На овој начин се елиминира голем дел од патиштата кон семејно насилство, економско пропаѓање, кон криминал и проституција… Долготрајниот или пролонгиран супституционен третман подразбира спречување на рецидиви и намалување на можноста за повторно враќање на хероинот. Искуството со супституционата терапија го споделувам со зависниците од дрога, кои во центрите за зависности во Битола и Скопје, ги добиваат своите дози на метадон или бупренорфин. Дел доаѓаат на редовни психијатриски контроли, надополнети со индивидуална психотерапија на поддршка на зависниците или на семејна психотерапија, при која се работи на зацврстување на семејните релации, воспоставување на доверба и вентилација на акумулираната анксиозност од натрупаните конфликти, поврзани со зависноста и независни од неа. Успешниот психотерапијски третман трае повеќе месеци. Дури и подолго од година, и е во насока да овозможи полесна рехабилитација и реинтегрирање на зависникот во средината. При тоа, важни се позитивните релации со личностите, подготвени да им помогнат на “жртвите”. Обично станува збор за родител, брачен партнер, брат или сестра, дечко или девојка, кои го поддржуваат зависникот во неговата тешка борба со зависноста. Понекогаш се разработува стратегија со зависникот и членови на семејството во насока на што подобро, посигурно и постојано негово обезбедување, кое подразбира доброволен 24 часовен надзор, исклучување на контакти со зависници и редовна терапија. Се истакнува важноста на физичката активност. Пособно долгите и редовни прошетки во природа, се корисни за физички ангажмани и се во функција на работна терапија. Од полза се слушањето музика и читањето подкрепувачки книги. Особено важна улога игра емпатискиот однос на терапевтот кон зависникот, но и кон членовите на семејството. Нужен е континуиран пристап на неосудување на зависникот и давање на постојана поддршка да истрае со третманот, и да биде на безбедно растојание од хероинот, чија опасност не смее да се потценува. Не треба да се штеди и зависниците треба да се наградуваат со заслужени пофалби колку е можно почесто. За успешната рехабилитација е потребен продолжен повеќемесечен психијатриски третман, во кој се испреплетуваат и надополнуваат медикаментозниот и психотерапискиот пристап. Лекувањето е долготраен процес во фази, кој дава оптимални резултати кога е биопсихосоцијално ориентиран, направен според индивидуалните потреби и можности на лекуваните лица и спроведен од страна на мултипрофесионални тимови.

Податоците укажуваат на ургентноста на проблемот поврзан со зависностите од дрога во нашава општина и упатуваат на неопходност од отворање на Центар за превенција и лекување на злоупотреба од дрога во Прилеп колку е можно побрзо.

Раст на зависниците

Првите регистрирани корисници на дрога во Македонија се регистрирани од МВР во 1969 год. Меѓу 1990 и 2005 год. бројот на регистрирани корисници се зголеми од 314 на 7132. Во неполни 20 год. пораснал бројот на регистрирани наркомани за повеќе од 23 пати. Болничките статистики кажуваат дека од 1989 до 1998 год. се зголемил бројот на лица кои се лекувале од зависност од дроги, најчесто од хероин од 11 до над преку 700 лица или 70 кратно, а просечната возраст се намалила од 32 на 22 год.

Психијатар

Д-р Јохан Ѓорѓиоски

советник во Општина Прилеп

Loading