Тутунарите земаат амбалажа, наместо да го предаваат родот на официјалниот старт на откупот
Седум, од девет откупни компании, ги отворија вратите на откупните пунктови за тутун во прилепско. Само откупните станици на Тутунскиот комбинат од Прилеп и Јака од Радовиш останаа со катанци. Според извори од земјоделската инспекција, државниот откупувач Тутунски комбинат е под клуч по последниот законски рок, 15 декември, оти не обезбедил средства за плаќање на родот, иако располага со лиценца за откуп и ги задоволува стандардите. Ова е првпат, некогашниот гигант во тутунската индустрија со речиси 150 години традиција, последниве години нареден меѓу најголемите македонски загубари, да не откупува тутун. Од ТКП молк. Никој не сака да се охрабри, да отвори уста и да ги образложи причините за затворените откупни пунктови. Комбинатот има преземено обврски кон кооперантите кои склучиле договор за предавање на родот. Дознаваме дека менаџментот прави грчевити обиди да обезбеди залог, со кој ќе се задолжи кај банките со неколку милиони евра за плаќање на тутунот. Откупот официјално стартува во седум фирми. Но, тутунарите калкулираат. Вратите се отворени во Струмица Табак, Алијанса 1 од Кавадарци, Центротабак од Велес, Пашоски и Орбита. Но, никој не носи тутун за откуп, туку проценителите даваат амбалажа за домашна манипулација. Рано е. Тутунарите тргнуваат со предавање на родот после Божик или Василица. Пунктовите се отворени само за саргии и за задоволување на законските рокови. Тутунарите само набљудуваат и ќе експериментираат со предавање на мали количества неквалитетен тутун за да проверат каква ќе биде проценката. Испитуваат дали родот ќе минува без проценка за околу 200 денари килограм за сите квалитети како лани или ќе се проценува по класи, според утврдените мостри – вели претставник на откупно претпријатие, кој сакаше да биде анонимен. Тутунарите почнуваат со домашната манипулација, бидејќи временските услови досега не дозволуваа да се калапи родот. Додека не се стабилизираат цените, малкумина ќе се охрабрат да го предадат родот. Се распрашуваат каква е “линијата”, како се проценуваат пробните количества. Не се бојкотира, туку се игра со нерви за постигнување на цени. Родот е квалитетен и не смее да е поефтин од 250 денари, бидеќи се качија трошоците за живот – вели тутунарот Илија Стојаноски. Данчо Милески, од Здружението на тутунарите, бара повисоки цени за тутунот. Не може тутун да се купува како лани. Бараме 250 денари за прва класа, 200 за втора и 170 денари за килограм за трета класа. Без овие цени, тутунот нема да се предава. Очекуваме средба со откупувачите со посредство на Министерството за земјоделство да се зголемат цените – вели Милески. Се проценува дека околу 12 илјади семејства на тутунари од прилепско годинава сработија околу 15 илјади тони тутун. Површините и приносите се за најмалку 30 отсто поголеми од лани. Стручнаците проценуваат дека квалитетот е висок. Откупувачите ќе “набројат” околу 50 милиони евра. Тутунарите очекуваат од државата и по 60 денари од килограм стимулација. Тоа ќе се дополнителни околу 15 милиони евра.