ОД ЛОШО – ПОЛОШО

Се присеќаваме на една анегдота. Некој човек бил осуден на смрт. Го воделе на бесилка. Некој го прашал:

– Како се чувствуваш?

– Нека чува Господ од полошо! – одговорил човекот.

Не одиме понатаму со анегдотата. Важна е само поентата. Значи, од лошото имало и полошо. Се уверивме во тоа. Пред некое време чувме од Македонското радио дека Папандреу бил гаѓан со ЧЕВЛА.

За еден таков медиум грешката е голема. Но, ете, имало и можело да биде и поголема. Во еден дневен весник, на насловна страница, со крупни букви прочитавме дека Папандреу бил гаѓан со ЦИПЕЛА.

Не можеме да го најдеме вистинскиот збор со кој би ја оквалификувале оваа грешка. Неодговорност, негрижа, несовесност и којзнае уште што! Најбитното е дека никому нема да му падне ни влакно од главата за ваквата глупост. А весникот има и лектор (можеби двајца) и уредници и главен и одговорен уредник. Сите тие “гинат” за Македонија, не го даваат јазикот и идентитетот. Сите тие го “збогатуваат” македонскиот јазик.

Да споменеме уште еден таков јазичен “чистотник”. Овој пат од една телевизија. Спортски коментатор. Покрај другите вести од спортот, тој коментира и за еден боксерски двобој. Кажува дека боксерот тој и тој го ПРЕМЛАТИЛ својот противник. Како ли му текна, каде ли го најде овој збор?! Не можеме да ја насетиме целта за употребата на овој збор. Можеби сакаше човекот да биде посочен, пооригиниален во изразот. Но, барем такви зборови има во нашиот јазик. Може да се рече дека го ПРЕТЕПАЛ својот противник. Можат да се најдат и други зборови, ако се сака да се искаже и определена потсмешливост за толку слабиот боксер. Но, ете, коментаторот одбрал збор кој не е наш, ниту ни е потребен.

Бевме информирани дека во еден наш град избувнал пожар во некои магацински простории. Штетата била голема. Меѓу другото, новинарот информира дека изгорел магацинот со ДЕЧКИ играчки. Оваа грешка ја слушаме почесто од обичните луѓе. Но, на новинарот не смее тоа да му се случи. Тој треба да знае дека тоа се ДЕТСКИ играчки, а не ДЕЧКИ.

Слушаме дебатна емисија на една од нашите телевизии. Водителката и двајца доктори на науки, универзитетски професори. Темата е во врска со лустрацијата. Еден од соговорниците вели дека на некоја личност, на некого му залепиле ЛЈАГА. Тој, веројатно како и мнозина, го пишува – ЉАГА. Треба ли таков човек да има ваков збор во својот речник?! На човекот, за кого зборува професорот, може да се рече дека му е залепено ТЕМНО ПЕТНО, може да се рече дека му го ИЗВАЛКАЛЕ ОБРАЗОТ. Можат да се најдат и други зборови, но не смее да се употребува зборот ЛЈАГА, ниту пак евентуално, да се бара и да се прави некој непотребен буквален превод.

Во моментов слушаме на телевизија разговор со некој балетан. Зборува тој за своите почетоци. Зборува за некоја ПЕСМА. Веројатно не чул за ПЕСНА! Зборува за начинот на кој вежбаат балетаните. Вели дека има поставено ШТАПОВИ. Се држеле со едната рака за ШТАПОТ, а со другиот дел на телото вежбале. Потоа со другата рака го прифаќале ШТАПОТ. Зборува дека тие ШТАПОВИ им се потребни преку целиот живот. Не се можело без нив.

Ех, колку е потребен и за сите нас по еден “ШТАП”. Тогаш белки ќе разбереме дека на македонски се вика СТАП, а не ШТАП.

Благоја Ивчески

Loading