ДОМ ПРЕТВОРЕН ВО ГАЛЕРИЈА НА ИКОНИ

Божидар – Даре Бошкоски, иконописец

Божидар Даре Бошкоски има 77 години. Веќе пет години “макотрпно” твори со четката в раце. Создава икони кои ги изложува во сопствениот дом и ги подарува. Иако имал дарба за уметност од детска возраст, сепак животот го однесол во други води. Сакав да цртам од дете. Сите цртежи на училиште ми ги земаа. По препорака на наставникот Миноски, требаше да се запишам на уметничко училиште. Отидов во Скопје, за еден ден нацртав тоа што го побараа, но не ме примија. Рекоа, дојди следната година. Не успеав и таа. Почина мајка ми и останав во Прилеп. Бевме сами со татко ми. Се запишав во Гимназија, но со трупот бев на училиште, а со умот дома. Подоцна се остручив за тутунски техничар и до пензија работев во Тутунскиот комбинат. Немав многу време за сликање. Колку да ми се исполни душата, ги цртав македонските револуционери. Откако ми остана доста слободно време се оддадов на уметничкото – раскажува Божидар. Првата икона била Св. Арахангел, посветена на домашната слава. Потоа се ределе десетици. Речиси нема ненасликан светец. Домот му е галерија со околу 50 икони по ѕидовите. Најчесто ги сликам Св. Димитрија, Исус Христос, Богородица, но и сите светци по нарачка. Сликам на дрво, со темпера. Сé што научив за иконите, го стекнав со “консултирација” од книги – додава Даре. Вели дека сликањето му е духовно исполнување на времето. Се чувствувам убаво кога творам. Исполнет сум. Се растоваруваат мислите. Сé работам со љубов. Не продавам икони, туку ги подарувам. Сум дарил на пријатели во Швајцарија, Германија, по манастири. Пријатели дома ми велат дека се чувствуваат како во црква. Некои се крстат, некои ме благословуваат. Кој како милува. Жалам што не почнав помлад. Сега полека ме остава видот. Сакам Господ да ми даде здравје да поработам на тоа што го сакам и што ме исполнува – вели Бошкоски.

Loading