КЛАСИЧНАТА ГИТАРА АСОЦИРА НА ДОПИР

Во Сцена 105, концерт на гитара на Дарко Багески

Концерт на класична гитара вечерва од 20 часот во ЦК “Марко Цепенков” ќе има професорот Дарко Багески, кој има прилепско потекло. Ќе се претстави со дела од Кутинг, Мерц, Морел, Бах… Класичната гитара му станала “другар” од осумгодишна возраст. Инструментот асоцирал на допир, на љубов, емоции… Гитарата плени. Не само за тој што ја свири, туку и за тој што ги слуша арткулираните вибрации на жиците. Ја засакав “на прв поглед”. Ме радува што има подем во изучувањето на класичната гитара. Полека станува популарен инструмент. Среќен сум кога гледам деца со гитара в раце. Убаво е да си професионален музичар, иако професијата бара посветување, посебен начин на живот. Убаво е да те гледаат како свириш. Каков би бил светот, кога луѓето не би се занимавале со музика. Или како што рекол Бетовен “Музиката е говорот на Бога – дајте да комуницираме” – вели Багески. Редовен професор по гитара е во ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј” и е доцент на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Сака да концертира и соло и во камерна музика. Но, и да е педагог. Не е лесно. Концертната дејност бара отсуство, а педагогијата присуство и редовност. Со добра организација се обидувам да ги спојам двете работи. Благородно е да се биде педагог. Најважно е да се препознае талентот кај ученикот и да се изгради однос кон инструментот. Со секој поединец односот секогаш е единствен, различен и неповторлив – додава гитаристот. Багески има бројни концерти, меѓу кои и со Македонската филхармонија, за што вели дека му било убаво искуство. Тешко се доловува чувството меѓу инструменталистите и тоновите на различни инструменти во филхармонијата. Не се опишува енергијата на сцената. Адреналинот брзо работи за максимална концентрација. Сон за секој солист. Избирам различен репертоар, иако гитарата асоцира на Шпанија или Јужна Америка. Таа прекрасно звучи и на Бах – додава Дарко.

Едукација кај врвни музичари

Почнав во ДМБУЦ “Илија Николовски- Луј” во класата на проф. Јане Панов. Потоа учев средно во Загреб, па Високата школа во Вајмар, Германија. Сега сум на постдипломски студии во Солун. Знаењата стекнати насекаде се чувствуваат. Се радувам што работев со еминентите музичари и професори, како што се Џевдет Сахатхија, Зоран Краишник, Кристиан Спанхоф, Јурген Рост, Томас Мулер, Герхард Рајценбах, Лаура Јунг, Костас Котсиолис… – објаснува Дарко Багески.

Loading