ЏОРЏ КАНИ НА СВЕТИНИКОЛСКИ САРМИ

Домаќинот на патрониот празник на градот 

На општонародната прослава ќе присуствува и синот Николас кој е ученик во прилепската гимназија

 

Аманетот од дедо прадедо, на генерациите, да се негуваат и одржуваат адетите и традициите, секогаш му бил во душата на нашиот сонародник Ѓорѓија Џорџ Атанасоски. И како дете, и сега како возрасен човек, кој работи во Америка, а вложува во земјава, не ја стивнува врската со родната грутка. Гурбетот преку океанот уште повеќе му предизвикува чувства за следење на заветот на предците за пренесување на верата и традициите на потомците. Тоа е мотивот на нашиот човек не само да чезнее за својот дом, туку и да ја манифестира поврзаноста. Затоа, Атанасоски, уште лани, покажа готовност да биде домаќин на веќе воспоставената традиција од пред шест години, градскиот патрон празник Свети Никола да се слави во центарот на градот. На голема трпеза со десетици илјади сарми, грав, риби и вино и да се одржи обичајот за век и веков. Џорџ е радосен и среќен што му се доверила “драгата обврска”. Со задоволство ја прифатил да почести за здравје, бериќет и благосостојба на десетици илјади прилепчани. Носталгијата од далечината на “Големата бара” ќе му биде покуса и душата помека со вербата да се демонстрира гостољубивост и почит. Религијата е најдолгата традиција на овој народ пренесувана од колено на колено. Ние сме библиска земја, дел од колевката на христијанството. Македонскиот народ не подлегнал на вековните притисоци за асимилација. Вербата во Бога го одржувала секогаш да чекори напред во одбрана на православието со христијанскиот симбол – крстот и со милениумските храмови. Затоа корените на верските празници се длабоки. И во 21 век е важно одржувањето на обичаите и празниците – вели Атанасоски. За него е голема обврска доверената чест да е домаќин на Свети Никола. Ми претставува придонес, но и одговорност за зачувување на традицијата. Тоа е мелем на рана, ублажување на горчината на душата од туѓината. Задолжен сум пред Бог и граѓаните со причинетото доверие да ја завртам, да ја допрам, да ја вкусам светиниколската погача пред параклисот на патронот во центарот, покрај одората и литургијата на владиците и во присуство на илијадници луѓе. Тое е чувство на гордост и респект, но и благодарност на моите сограѓани. Ќе ми се случи јаве на дамнешниот сон, кое ќе остави неизбришлива трага во животната линија. Посакувам со столетија да се негува одбележувањето на празникот на улица. Би сакал празничната еуфорија да потрае, да се претвори во национален атрактивен празник, на кој ќе посакуваат да присуствуваат не само прилепчани, туку гости од земјава и странство. Убеден сум дека празнувањето на Свети Никола ќе стане уште еден препознатлив бренд на Прилеп, покрај Пивофестот, за кој со дигнитет ќе зборуваат нашите наследници – вели домаќинот Атанасоски. Честа за домаќинлакот ја чувствуваат и сите членови на неговото семејството. Но, само едниот син Николас од неговиот потесен семеен круг, кој веќе три четири месеци е ученик во прилепската гимназија, ќе биде присутен. Сите се гордеат со укажаната верба што сум “нунко” на Свети Никола. Иако моите блиски нема да дојдат од САД, поради службени обврски, сепак ќе нé следат илијадници наши не само од земјава преку директниот пренос на сателитската телевизија “Сонце”. На славата на градот í се дава афирмација, уште една промоција во меѓународни размери. Не верувам дека нашите од Австралија, или Канада, или САД, па и од Шведска и Германија, ќе останат рамнодушни. Солзи ќе ронат, како што сум липал кога сум ги следел збиднувања во Татковината. Камбаните на православните храмови ќе чукаат да ја ублажат тагата и болката на далечината, на родното огниште – вели Џорџ. Тој ги почитува и им честита на граѓаните кои го вратија или го воспоставија прославувањето на Свети Никола на плоштадите. Особено задоволство му е што славата се одвива покрај споменикот на Александар Македонски, кој е негова донација за градот. Големо дело е и на локалните власти, кои покажале чувство за традициите за востановување на Свети Никола за патрон, за заштитник на градот. Атанасоски ги кани сите прилепчани и останатите граѓани од земјава на церемонијата на вртењето на погачата и на заедничката трпеза.

Loading