УБАВ РАСКАЗ – ЛОШ ПРЕВОД

Тешко му паѓа на човека кога ќе сретне многу грешки во текстови преведени од некој туѓ јазик. Уште потешко е кога ќе се прочита авторот на преводот, кога ќе се види дека станува збор за еминентно лице од нашата литература.

Се работи за превод на еден расказ од рускиот писател Антон Павловиќ – Чехов. Расказите на Чехов се прекрасни. Штета е да не бидат и прекрасно преведени. Особено, ако преведувачот е познат писател. Не можеме да ги набележиме сите грешки, ќе споменеме само дел од нив.

Еве, нека биде прва токму грешката за ПРЕВЕДУВАЊЕТО. Во расказот, на едно место станува збор за определено ПРЕВЕДУВАЊЕ на некој текст. Нашиов преведувач напишал ПРЕВОДЕЊЕ. Не смее тој да прави ваква грешка. Треба да биде ПРЕВЕДУВАЊЕ, а не ПРЕВОДЕЊЕ.

Преведувачот употребува збор НЕСПОЛУЧЛИВ. НЕСПОЛУЧЛИВ човек. Чудно е од каде го нашол овој збор. Веројатно се служел и со бугарски превод на расказот. Во бугарскиот јазик зборот СПОЛУКА значи добивка, успех. Преведувачот го зел тој збор, веројатно, поради тоа што не можел да најде наш соодветен. Не е неопходно да се најди токму таков, буквален превод. НЕСПОЛУЧЛИВ е најдобро да се преведе со НЕУСПЕШЕН човек. ГУБИТНИК. Токму и за тоа се работи во расказот. Се однесува за човек на кого не му оди ништо од рака. Човек кој нема успех во работата и воопшто во животот. Човек кој постојано губи. Токму затоа треба ГУБИТНИК или НЕУСПЕШЕН човек.

Среќаваме глагол – СЕ ОБЛАКААТ. Барем тоа се знае дека не треба така. Правилно е – СЕ ОБЛЕКУВААТ.

Го среќаваме зборот ПРИРОДЊАК. Грешка! Немаме ние именки што завршуваат на ЊАК. Тој е или ПРИРОДОНАУЧНИК или едноставно ЉУБИТЕЛ НА ПРИРОДАТА.

Еден од ликовите во расказот вели – “Да ИДЕМЕ да пиеме чај”. Во македонскиот јазик ИДЕМЕ, значи ДОАЃАМЕ. Во случајов, треба да биде: “Да ОДИМЕ да пиеме чај”.

Една реченица во расказот гласи: “Од манастирската црква биеја ЅВОНАТА”. Оваа грешка често ја слушаме, но чудно е тоа што таа му се провлекува и на преведувач од ваков калибар. Во нашиот јазик постои ЅВОНЕЦ и ЅВОНЧЕ. Нема ЅВОНО. А оние во црквите се КАМБАНИ, а не ЅВОНА. Придавката изведена од ЅВОНЕЦ гласи ЅВОНЕСТ, ЅВОНЕСТА, а не ЅВОНАСТ или ЅВОНАСТА. За жал ваквите грешки се чести.

Го среќаваме во преводот и глаголот СЕ УДВАРА. Го немаме ние тој збор. Треба да биде СЕ УМИЛКУВА.

Еве и овде, како и на многу други места се среќаваме со придавката ЗАПРЕПАСТЕН. Сме пишувале повеќе пати за оваа грешка. Нашите зборови со вакво значење се – ВЧУДОВИДЕН или ВЏАСЕН. ЗАПРЕПАСТЕН е српски збор.

“Неговата ВРДАЊА и трикови”… Среќаваме и ваква реченица. Го немаме ние зборот ВРДАЊЕ. Кај нас тоа би било МРДАЊЕ, ИЗМРДУВАЊЕ. На пример, ако ветил некој нешто и не сака или не може да го исполни и сега се служи со некакви трикови, сака да ИЗМРДА, да МРДНЕ од тоа што го ветил.

Преведувачот употребува и погрешни конструкции на некои реченици – “Не се возбудувај”. Треба да биде – “Не возбудувај се”. Нашиве луѓе прават многу вакви грешки, но на преведувачот не смее тоа да му се случи, а во соодветниов превод има безброј такви реченици.

Многу грешки. КРОМПИРОВА каша, наместо КОМПИРОВА каша, ОЛУЈА наместо БУРА, ЗАБОГА наместо ДОБОГА и многу, многу други.

Просторов не ни дозволува да набројуваме уште од грешките во преводот. Многу се. Се повторуваат повеќе пати и така стануваат премногу. Штета!

Благоја Ивчески

Loading