ПРАЌКА – ПРАЧКА

Ќе направиме еден необичен вовед. Кога бевме мали изработувавме една проста, примитивна направа за фрлање камен. Се земаше едно крпче или кожинче. Се исекуваше во елипсовидна форма. На двата краја по една дупка. Во тие дупки провиравме конец, од оние за нижење тутун, долг околу еден метар. За да биде поздраво, врзувавме по три или повеќе конци во секоја дупка и ги плетевме во прцле. Едното прцле завршуваше со јамка во која се провираше средниот прст. Другото прцле на крајот имаше јазол кој се придржуваше со палецот и показалецот. Се ставаше во крпчето (кожинчето) камен, приближно колку едно јајце. Се замавнуваше и се завртуваше неколку пати околу рамо со конците (прцлињата), се отпушташе јазолот и така каменот ќе излеташе далеку. Многу подалеку отколку фрлање со рака. Ете, таа направа за фрлање камења ја викавме ПЉАЌА. Постарите се сеќаваат, а младиве незнаат.

Но, зошто е овој вовед?

Посетивме една книжарница. Фондот на книги, не многу богат. Вниманието ни го привлече една книга со наслов – “БИБЛИСКИ РЕЧНИК”.

Убаво е да се има. Ако му затреба на човека некое име или некој поим од Библијата, овде полесно и побрзо ќе го најде, отколку да пребарува во самата Библија. Уште при првото прелистување станува јасно дека јазичните грешки ги има во голем број. Но, прво ќе се задржиме на една друга, мошне крупна грешка. Таа не е јазична, но е грешка што дезинформира. Меѓу другото, во Речникот е одбележана и библиската приказна за Давид и Голијат. Познато е нели, дека Голијат е огромен џин, висок три метри, а Давид е обично момче. И денес се користи изразот – “Борба меѓу Давид и Голијат”, кога станува збор за двобој меѓу некој многу силен противник и некој многу слаб. И покрај физичката несоодветност Голијат е убиен од Давида. Давид го извршува тоа убиство со ПЉАЌА. Тоа е онаа направа за која зборувавме во воведот. Каменот што го фрлил Давид се забил во челото, во черепот на џинот Голијат.

Рековме дека ние во Прилеп таа направа за фрлање ја викавме ПЉАЌА. Во Речникот на македонскиот јазик тој збор е одбележан како ПРАЌА, а во објаснението на српски јазик пишува ПРАЌКА. Можеби имале право составувачите на Речникот. Можеби во повеќето места во Македонија се вика така – ПРАЌА. Во Библијата (во двата превода на македонски јазик) исто така стои дека Давид го убил Голијат со ПРАЌКА. Така пишува и во Библијата на српски јазик преведена од Ѓура Даничич и Вук Караџиќ.

Сето тоа е во ред. Но, составувачите на овој БИБЛИСКИ РЕЧНИК не правеле разлика помеѓу ПРАЌКА и ПРАЧКА, па напишале дека Давид го убил Голијат со ПРАЧКА. Знаеме дека ПРАЧКА е обично мало стапче или гранче. Грешката е очевидна и е мошне голема. Читателите ќе бидат дезинформирани.

Што се однесува до јазичните грешки и нив ги има многу.

Авторите го објаснуваат начинот на крштевањето кога главата треба да се ПОТОПИ, да се НУРНЕ во вода. Тие велат дека главата се ЗАРОНУВА во вода. Наместо ПРЕЧЕКОРИ велат ПРЕКОРАЧИ, наместо ОДМАЗДА напишано е ОСВЕТА. Наместо ДАВА, ОВОЗМОЖУВА, тие употребуваат ПРУЖА.

Очигледно е дека се служеле со материјал напишан на српски јазик. Се насетува тоа од карактерот на грешките, а рековме дека ги има многу, но овој пат главното внимание ни беше насочено во ПРАЌАТА (ПЉАЌАТА), која составувачите на Речникот ја поистоветиле со ПРАЧКА. Разликата меѓу двата предмета е огромна како што е огромна и направената грешка.

Благоја Ивчески

Loading