АРХИТЕКТОНСКА ИКОНА НА БЕКТЕШОВЦИ

Буржоаското здание плачи за обнова и заведува и со бледите бои на фасадата

 

Застануваат луѓе и се крстат. Мислат дека е запоставена црква, верски храм. Други се воодушевуваат на старата прекрасна архитектура. Некои жалаат за неодржувањето на ремек делото на битолскиот мајстор. Трети се распрашуваат за продажба на велелепното здание”. Вака ги пренесува впечатоците на случајните или намерните минувачи за велелепната куќа на семејството Бектешовци, 83 годишниот сопственик Трајче Бектешоски. Куќата е запоставена. “Плачи” за реставрација старата фасада со избледнети бои, излупени и испукани ѕидови. Тажен е погледот на раскошната куќа во аристократски стил, со богатство иновации за период на градбата. Архитектите на Заводот и музеј во Прилеп подготвија елаборат за волоризација, после чие усвојување во Министерството за култура, куќата на Бектешовци ќе биде ставена под режим на заштита како културното наследство и ќе може да се подготви проект за конзервација и реставрација. Во меѓувреме, сопствениците не можат да заковаат клинец на своја рака за да го вратат стариот сјај на архитектонската икона, како што знаат архитектите да кажат за куќата на Бектешовци.

Таван со цветен дезен

Буржоаските влијанија на почетокот на минатата епоха биле преточени во градбите. Врз таа основа никнала куќата на Бектешовци пред 87 години. Луксузното здание со физиономија на црковен храм има два ката, поткренати на подрумски простории. Располага со неколку соби голем салон со тавани повисоки од три ипол метри на кои биле обесени кристални лустери со пулејки. Ентериерот бил декориран со драперии и кадифени пердиња на прозорците и црвени персиски теписи и патеки на дрвените лакирани подови. Во собите биле вградени долапи и мусандри за прибирање на алиштата. Ѕидовите биле накитени со бои и орнаменти, специфични за почетокот на минатото столетие. Вградена била печка на цврсто гориво за загревање. Фасадата на грандиозниот објект била украсена со сегменти на барокни и ренесансни релјефи. Главниот влез бил декориран со антички столбови и мермерни широки скалила, а дворот е “накитен” со гранитни делкани блокови, кои завршува со железна кована ограда, вајана со уметнички раце на чеканот на прилепските ковачи.

Кираџија во спечалена куќа со пари од таткото

Носталгија навира кај Бектешовци кога зборуваат за топлината на својот раскошен дом, според ентериерот и екстериерот, небаре граден од талентиран уметник. За жал, семејството не е во финансиска моќ да го обнови и да го врати бисерот на архитектурата во Прилеп. А и законот не им оди во прилог. Успеваат да ја одржуваат колку да не се распадне. Некои ситни интервенции на балконот и на покривот се знак дека објектот со вонредни вредности не е оставен на милост и не милост на времето, туку чека подобри времиња. Во 1923 година ја градел битолски мајстор со печелни пари по оставена “снага” во печалба во Америка на Петре, таткото на Трајче Бектешоски. Тој раскажува дека куќата ја наследил. Нашето семејство живеело под кирија во соседството, а мајсторот Илија Дарков од Битола, кој му бил пријател, го кандисал татко ми, пресно вратен од печалба од Америка, да не биде кираџија, туку да му изгради куќа при толку спечалени пари од гурбет. Архитектонското решение е негово, а урнек му биле еврејските и конзулските куќи во Битола. Му платил две илјади златни наполеони и мајсторот ја кренал, двојно поголема од неговата кај лозјето во битолско – кажува Бектешоски. По ослободувањето куќата му била национализирана и претворена, првин во интернат, а потоа во простор за музичкото училиште, а семејството било избркано како буржоаско. Бевме пак кираџии. Но, постепено освојуваме соба по соба. Првин визбата, после ни дадоа една одаја, па друга.. И така се вративме на родното огниште. Којзнае дали ќе се ја имавме куќата да не излезев партизан на 17 години. Некој се сожалил и се смилува да ни дозволи да се вратиме дома, на своето – вели Трајче.

Куќата на потомците, а не на државата

Тој кажува дека државата не води доволно сметка за одржување на старите објекти со историски предзнак, кои претставуваат белег на градот. Немаше иницијативи за учество на државата за реконструкција или реставрација. Слушнав дека имало некогаш одделени пари за заштита и реставрација на фасадите на старите куќи во Прилеп, но засега никој не интервенирал. Човек сум во години и не можам да барам по институциите да ја завршат приказната за куќата – вели Трајче, кој негува надеж дека неговите потомци ќе ги истуркаат работите и ќе интервенираат на враќање на загубениот блесок на прилепската “палата” убавица од минатиот век. Како и да е, со елаборатот на Музејот, конечно се ставаат законските основи за отворање на процес за државна интервенција во спасување на прилепската архитектонска убавица – куќата на Бектешовци.

Хотелот Југославија во светлечки реклами

Семејството Бектешовци било сопственик и на прекрасниот хотел Југолавија во центарот на градот. Објектот бил срцевина на мајтапџискиот порив на прилепскиот еснаф од Старата чаршија. Кафеаната и хотелот, за несреќа, по денационализацијата, се поделиле на неколкуте наследници, а тие го распродале парче по парче, нагризувајќи го стариот дух на прилепската архитектура. Се отворија модерни објекти, кои блештат во алуминиум и неон во различни бои. Дури од терасата се емитуваат рекламни пораки од голем екран.          Без соодветни реставраторски зафати малку остана од мајсторството на архитектите од минатото, од “стариот мирис” на градот, додека насекаде во светот се вложуваат огромни пари до темел да се реконструираат старите објекти. Одземањето на просторот е своевидна кражба од природата. Затоа е нужен не само економски, туку и еколошки, етички, историски и културен приод кон објектите – велат архитектите.

Loading