ВИД – Е – НИ ?!

од косо видено

Неодамна во нашиот град се одржа панаѓур. Сте го заборавиле? Но, завршен ли е тој? Карневалот завршува кога ќе се симнат маските. Секојдневно, пак, многумина го покажуваат само лицето. Сé друго кријат. Покажувањето асоцира на панаѓур. Криењето го циркузира нашево современие. Кој и како тоа го прави? Подобро да не дознаете – ќе ви треба ластегарка.

Своевремено, гордост на нашиот град беа луѓе “личности” – со доследност и посебност. И честити – со образ и душа. Можеа колку што може човек. Не повеќе, за да небидат нечовек. Ги именуваа видни луѓе. Не им требаа функции за да бидат видни. Ниту богатство. Доволни им беа добрината и одважноста. Тие им се запишани во паметникот на градот низ делата – книги, чешми, куќи, излекувани болни. Довербата во нив и искреноста ги правеа љубезни и трпеливи со другите луѓе. Не се издвојуваа од нив со паунска напернатост и намќорство. Сите нив ги почитуваа. Им симнуваа и капа, и шапка. Беа витална потпора и подвижник на градскиот живот.

Во современиево, наместо видните луѓе вниманието го узурпираат видените. Тие, без дилема, не се за култ на личноста, туку на дволичноста. Блефираат во потрага по еднаквоста со видните. Но, блефот им го обесилува една единствена буква. Поддржана од мудроста на народниот светоглед. Тој ги предупредува – од лепешка зелник не се меси, ниту од видените се прават видни луѓе. Ниту големци кога сенката им е мала.

Сепак, да се биде виден стана зараза. Мерак на срцето од многумина што збувнува како квасец. И образот им го сучи со повеќе лица за секогаш да бидат на лице место. Им ја цеди последната капка пот за да седат во првите редови. Насекаде – во театар, на концерти, спортски и други натпревари. Ништо ефтино не им е туѓо. Но, се креваат на големо. Виденоста им удира во главата, знае каде отпорот е најмал. Инсистира со панаѓурски колорит да се разубави сивото секојдневие. Панаѓурската врева е плоден амбиент за видените. Бидејќи во вревата полесно се мами. Но, и логично, панаѓурот е одличен за покажување пред другите луѓе – на стоката, и на стопанот. Видените, штом ќе добијат на цена, стануваат барана стока. Затоа, сиот живот би го претвориле во панаѓур. Уште повеќе кога народот сака панаѓури.

Мераклиите за виденост премногу се растргнуваат за да бидат видени. Од една страна, клечат пред богатството. И не се во можност да клекнат пред било што повозвишено. Од друга, пак, се чувствуваат туѓи во својата кожа. Си ја черечат душата. Таму каде што бидуваат видени настапуваат уметници, а на срце им лежи градеста турбо- фолк пеачка. За гревота. Нивното срце, иако отврднато од богатството, распукува и боли. Тоа не се гледа. Но, не и големиот транзиционен панаѓур. На него – невидена турканица и екстаза. Во панаѓурската врева нема видни , но сé повеќе видени. Иако од нив народот не гледа аир.

Оние, пак, кои не можат да бидат ниту видни ни видени сé повеќе ги дразни само една желба. Им доаѓа од черечењето на душата од тој панаѓурски живот. За да им олесни би сакале барем еден виден паун да испотепаат со дебела ластегарка.

Марјан Спиркоски

Loading