ОПШТИНИТЕ ГАЗДИ НА ГРАДЕНОТО ЗЕМЈИШТЕ

Општините од 1 јули следната година ќе располагаат со државното градежно земјиште. Ќе можат да го продаваат и даваат под закуп, што досега е под ингеренции на Министерството за транспорт и врски. Ова е предвидено со Предлог-законот за градежно земјиште што го усвои Владата и кој наскоро ќе биде доставен во собраниска процедура.

– Со новината се овозможува на едно место   заинтересираните домашни и странски инвеститори да можат да ја остварат целата постапка околу купувањето и закупот, добивање локациски услови и одобрение за градење, се до моментот на реализација на урбанистичката планска документација, односно изградба на предвидените објекти на земјиштето – вели министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Општините ќе можат да располагаат со градежното државно земјиште доколку ги исполнат условите со предложениот закон, меѓу кои изготвување едногодишна програма за работа и располагање со градежното земјиште, да имаат потребен број вработени лица кои ќе имаат овластување за дејноста , како и да формираат комисија за спроведување на постапките за јавно наддавање.

Постапките за отуѓување на градежното земјиште ќе одат по електронски пат, за што ќе се изготви унифициран електронски систем за наддавањата за сите општини.

Министерството ќе има надлежност да врши надзор на постапките при располагањето со градежното земјиште.Во случај на прекршување на законот ќе ги одзема ингеренциите на општините. Цената на земјиштето ќе ја определуваат градоначалниците         на општините во консултации со општинските совети и потврда од Владата. Големината на градежните парцели, односно нивниот број ќе зависи од самите општини и ангажманот за урбанизација.

Јанакиески вели дека моментно ниту една општина не ги исполнува условите за располагање со градежното земјиште, оти нема доволно кадар. До стапувањето во сила на законот треба да бидат вработени лица со овластување. Но, најголемиот дел од нив од 1 јули 2011 година ќе можат да управуваат со земјиштето.

Loading