КАЈ ПОПОТ Е КАБАЕТОТ

Судска разрешница на МПЦ и селаните во Крушеани

Двајца членови на црковниот одбор на црквите во Крушеани се ослободени од обвинението на Преспанско – пелагониската епархија, а црквата ќе треба да плати неколку десетици илјади за судски трошоци

 

Дарко Дивјакоски и Гоце Придаенкоски од црковниот одбор на црквите Свети Никола и Свети Атанасие од селото Крушеани не се однесувале самоволно, туку ги почитувале одлуките на црковниот одбор. Со тоа не го прекршиле кривичниот закон во делот за самоволие, како што ги товареше Преспанско- пелагониската епархија. Тие со амин на Одборот не му давале на селскиот свештеник Александар Спиркоски по две илјади денари месечно, како што барал, туку само по илјада денари, како што одлучил црковниот одбор. Ова е содржината на последниот збор на судот во Прилеп, по тужбата на Преспанско пелагониската епархија. Пресудата деновиве доби и потврда од Апелациониот суд. Со тоа е окончан повеќе месечниот спор меѓу епархијата и селаните, кои не сакале на селскиот свештеник да му платат сто евра за три месеци, за тој да ги плати придонесите на платата и за пензијата, туку му одредиле само од илјада денари месечно, колку што можеле да приберат за да продолжат да ги одржуваат традицијата и верата кон Бога, пренесувани преку храмовите од колено на колено со столетија и милениуми. Додека свештеникот им припишуваше за грев дека двајцата жители правеле раскол меѓу населението. Судот пресекол дека двајцата обвинети според Епархијата, не ги прекршиле нормите, туку работеле совесно и чесно. Тоа го потврдила расправата, сведоците и документите. Затоа се ослободени од обвинението.

Како што пишувавме, неколку стотина жители од селото Крушеани не сакале на свештеникот да му плаќаат, колку што барал, а тој со поддршка на повисоките свештенослужители презел постапка за нивно разрешување. Но, процедурата не била соодветна и затоа Придаенкоски и Дивјакоски се лишени од одговорноста, за која може да се добие казна до шест месеци затвор. Селаните велат дека конечно излегла правдата на виделина, дека судот ги уважил доказите, дека немало присвојување на печати и клучеви од црквата, дека немало отстранување на свештеникот од храмовите, за што беа товарени двајцата жители на Крушени. Лани верниците го бојкотираа свештеникот и не му ја следеа службата. Никој не ја слушаше служба, оти свештникот бараше многу пари. Имаше и петиција за нов свештеник. Еве и судот кажа дека свештеникот треба да си доплати од своите собрани средства, не внесени во црквата – велат жителите. Дали стануваше збор за каприц или за реални проблеми, веќе нема дилеми. Судот ги расчисти, но останаа долговите од неколку десетици илјади денари на Преспанско – пелагониската епархија за загубениот спор. Во прилепско имаше уште еден случај на недоразбирање меѓу црковните власти и верниците кој чека судска разврска.

Loading