РАСТЕ ДАНОЧНАТА ДИСЦИПЛИНА

Бошко Талески, раководител на Одделението за администрирање со даноци при ЛС

Над 80 отсто од граѓаните го платиле данокот на имот, а за “заборавените” претстојат опомени и принудни наплати со блокади на трансакциските сметки

Од даноците се прават улици и друга инфраструктура, која и се одржува

 

Завршува уште една фискална година, дали прилепчани се коректни кон надоместување на локалните давачки или се заборавени пак се потребни опомени?

– Задоволни сме од ефектите на оваа фискална година. Обврските се почитуваа во рамките на проекциите. Сервисирањето на приходите во локалниот буџет минува очекувано за една кризна година. Ќе затвориме една успешна фискална година. Измирени се 80-85 проценти од обврските. Се надеваме на зголемен процент плаќање на обврските во финишот на годинава. Традиција е да се чекаат последните денови.

Кои се обврските на граѓаните и правните лица, односно кои се локалните даноци?

– Тоа се данок од имот на физички и правни лица, данокот со недвижности, данок на наследство и подарок и разни видови комунални такси – фирмарина, користење на деловен простор, деловна просторија, за објавување на огласи, објави и реклами на јавни места, за користење на музика во локали и за користење на плоштадите. Ова се основните извори за финансирање на буџетот на ЛС.

Граѓаните главно се поврзани преку данокот на имот?

Данокот од имот со данокот од добивка се поклопуваат. Добивката најчесто се трансферира во недвижности и обратно. Со антикризните мерки намаливме дел од давачките заради зајакнување на фискалната дисциплина. Затоа се намалува сива економија и даночна евазија.

Каква е наплата на данокот во споредба со изминатите години?

– Се движиме во истите параметри како лани. Сметам дека го стабилизиравме даночниот систем и влијаеме врз даночната свест. Граѓаните конечно сфатија дека е нужно почитување и подмирување на обврските.

Колкав е бројот на даночни обврзници?

– Околу 22 илјади физички и правни лица се даночните обврзници. Има мал дел сé уште “непокриени” во населбите без деталните урбанистички планови. Во комуникација сме со Централниот регистар, Катастарот и Секторот за урбанизам да дојдеме до сопствениците, преселени во Скопје, странство, починати, кои се недостапни, и еден дел кај ромското население каде потешко се собираат податоците. Околу 10 – 15 проценти, односно од 2500-3000 нови даночни обврзници од периферијата ќе бидат доопфатени. За да бидат сите еднакви пред регулативата, до 31 март ќе ревидираме реакции и конечно ќе го стабилизираме даночниот систем. Така ќе сме примамливи за инвестиции, бидејќи даноците се ниски.

Можно ли е враќање на висината на даноците?

– Доколку Македонија излегува од кризата, можеби ќе се размислува да ги вратиме даночни стапки од пред кризата. Фирмарината беше шест илјади, а сега е пет илјади денари. И пак ќе сме пониски од другите градови. Од буџетот се финансира инфраструктура, која не само што треба да се гради, туку и да се одржува. Се анализра како тоа ќе влијае на проекциите на буџетот за 2011 г.

Колку пари треба да се соберат од данокот на имот?

– Треба да се слеат околу 33 милиони, а собрани се околу 27 милиони денари. Во буџетот досега се собрани околу 60 милиони денари, околу 12 милиони од фирмарина, а останатите од комуналните такси и од данокот со промет на недвижности, наследство и подарок. Главнината е испочитувана.

Каква е состојбата во стопанството по основ данок на имот?

– Генерално подмирени се обврските. Големите фирми навремено ги сервисираа обврските, дури и Тутунски комбинат плати 10 илјади евра, затоа што недвижностите се проценети на 10 милиони евра.

Стапката е 0,1 процент, односно намалена за половина односно 0, 05 од вредноста. Колку ,,вреди,, градов?

– Основата за оданочување е пазарната цена на недвижнините. Стапката е 0,05 отсто за куќа или стан во кој се живее или 0,1 отсто за втор стан или куќа. Недвижностите вредат околу 500 милиони евра. Имаме 33 милиони од 22 илјади лица. Просечно се плаќа по 1370 денари по даночен обврзник, вклучувајќи и деловни објекти на правните лица. Граѓаните се околу 21 илјади, а облогот за физичките лица е околу 27 милиони денари. Облогот на правните лица е околу шест милиони денари.

Како се утврдува висината?

– Согласно методологијата, Прилеп има пет зони – екстра зона – централното градско подрачје… Не е исто дали имотот е во Точила, која е населба на периферијата, или пак во Дебојот.

Каде сме со другите градови?

Даночниот и бизнис амбиентот ја наметнува кандидатурата да бидеме водечка општина. Со овие предиспозиции имаме голема перспектива. Доколку инфраструктурно се подобри, ќе сме “топ”, кога ќе излеземе од кризата.

Присилна наплата

Присилно се наплаќа кај недисциплинираните. Од септември до сега, имаме околу 600-700 решенија за присилна наплата. Се гонат сите без исклучок. Се прави увид во трансакциските сметки, според закон. Се наплатува од приливите на денарските и девизните сметки. Прво следат опомените. Олеснителна околност е што во присилната наплата нема камата. Кога ќе почне исплатата на тутунот, ќе пуштиме опомени за заостанатите обврски за 2010 г.

ДАНОК И ЗА ВИКЕНДИЧКИ

Руралните планински подрачја се ослободени од плаќање на данок на имот. Од околу 35 села, 13 се со даночно задолжени. Односно села со урбанистички зафати се Мало Коњари, Канатларци, Старо Лагово, Тополчани… Опфатени се и викендичките. По стабилизацијата на плаќањето, се формира база за вредности на недвижниот имот, кои се променливи.

Loading