ЦРНА СЕ КУГА ЗАДАДЕ

Расправа во Парламентот. Нешто во врска со електронските комуникации. На говорницата мошне позната госпоѓа – пратеник. Зборува за проблемите во електронските комуникации. Вели дека таму навлегла некоја ЦРНА КУГА. По извесно време се поправи и вели – ЦРНА ЧУМА. Сме биле сведоци на такви нешта и во други пригоди. Спортски коментатор зборува дека УТАКМИЦАТА ќе започне во толку и толку часот. Потоа се поправа и вели дека НАТПРЕВАРОТ ќе започне во толку и толку часот. Честа појава е тоа кај нашиов човек. Тој мисли на друг јазик, а потоа самиот се преведува на македонски. Се разбира, ако знае, ако е свесен дека згрешил. За ЧУМАТА се знае, и во песните се споменува. Кој не ја слушнал – “Црна се ЧУМА зададе”?! Што е тоа што ги тера нашиве луѓе да велат КУГА наместо ЧУМА?! Големиот патриотизам, најверојатно. Тој е доста силно изразен и во толку долго најавуваната и фалена македонска телевизиска серија. Ни се збурбати од оние турски серии, па ред е да имаме и наша, македонска. И ете, ја дочекавме нашата. Слушаме прекрасен македонски јазик на српско – скопска варијанта. Ќе набележиме неколку примери:

– Децата ИДАТ У ШКОЛО!

– Сите да паднеме У НЕСВЕСТ!

– ГОРЕ – ДОЛЕ!

– Се сошиле нови ОДЕЛА!

– Некоја имала ЉУБАВНИК!

Еве вака се зборува во таа македонска серија. Навистина – “Сите да паднеме У НЕСВЕСТ”!

“Децата идат У ШКОЛО”! Да, децата одат на училиште, но ќе им укаже ли некој таму за овие грешки?! Ќе им каже ли некој дека на македонски не е ДОЛЕ, туку ДОЛУ, дека ОДЕЛОТО, на македонски е КОСТУМ?! ЉУБАВНИКОТ на наш јазик е ЉУБОВНИК! За акцентот да не зборуваме. Ужас!

Скопскиот говор, со сите србизми (безброј) и со сите деформитети навлегува и во другите места низ Македонија. Дури и во детските градинки. Играат таму дечињата некоја игра фатени за рачиња и така го шират кругот. Играат и викаат – БАЛОНОТ СЕ НАДУВА, БАЛОНОТ СЕ НАДУВА. Голем дел од дечињата во Прилеп и незнаат што значи тоа СЕ НАДУВА. А всушност, станува збор за тоа, дека балонот СЕ ДУЕ. Во него се ДУВА, а тој се ДУЕ и кога ќе се НАДУЕ многу ќе пукне. Значи, балонот ќе се НАДУЕ а не ќе се НАДУВА. Да се НАДУВА значи дека некој (или ветерот) дувал, дувал и се НАДУВАЛ, се ИЗНАДУВАЛ. Оваа грешка ја слушаме и на други места. Во Парламентот, на пример. Таму еден пратеник на својот колега му забележува дека проблемот не е толку голем туку е НАДУВАН. Не навлегуваме во суштината на проблемот, но тој ако не бил голем бил НАДУЕН, а не НАДУВАН. Бил прикажан поголем отколку што е.

Пред некое време гледавме еден стар српски филм. Дејството се случува на теренот од некој РИТ (влажно, мочурливо земјиште). Филмот е при крај. Некое дете прашува каде да оди а еден од јунаците му вели – “Ти мораш у РИТОВЕ”, а ние читаме превод – “Ти остануваш по РИДОВИТЕ”. Глупост! РИТОВИ (влажна почва) е преведено со РИДОВИ. А на српски, РИТ значи токму тоа – влажна почва, мочурливо земјиште.

Сепак, РИТОТ се разликува од мочуриштето. Тоа земјиште е обработливо. Кај нас нема такви терени и нема потреба РИТОТ да го преведуваме. Едноставно, тоа си е РИТ. Како што е случајот со песочните ДИНИ. Кај нас ги нема тие песочни наноси, ги има во Војводина, но и ние ги викаме ДИНИ. Во ниеден случај РИТОВИТЕ не можат да бидат РИДОВИ.

Многу грешки во нашиот јазик. Како црна чума. Ќе се најде ли јунак “Чумата да ја пропади од жална Македонија”?!

Благоја Ивчески

Loading