ОД ДУЌАНЧЕ ДО ОЛУК НА “ПОКРИВЧЕ”

Тенекеџискиот занает не изумира

Од 16 години е со тенекијата в раце. Му влегла во крвта. Струи и го качува нагоре на покривот, 49 годишниот Петре Талески. Печен мајстор со фирмата “Алумина”. Награден е за трудот во занаетот и професијата со “тапија” од Здружението на самостојни занаетчии. Велат мајсторот не го продава лесно занаетот, односно не го “продава” калфата, но главно, празна глава и концентарција е лек и формула за височините, сприти природната земјина тежа. Работев во Слобода или Металмонт, а дуќан имам од 1985 година. Не платија неколку дневници и во 1987 година го напуштив. Учествував во поставувањето на бакарната конструкција на покривот на Градската саат кула – вели Петре Талески, задоволен од пријатниот присет на тој настан.

 

Тенекеџиска галантерија

Златниот совет од старите е дека се додека има луѓе и куќи, ќе има и лепче од занаетот. Така е и со тенекеџилакот. Потреба се олуците и другите производи од тенекија. Во други градови мака мачат со по некој тенекеџија. Дури бараат спас во Скопје. Петре вели дека занаетот не е дефицитарен во Прилеп. Има доволно да закрпат по некоја дупка на тенџере, да скројат и “сошијат” решетка, ѓубралка, вратниче, капаче, поштенско сандаче, инки, калапи за торти и слатки, канти, кофи, корита, разни пампури, некој вид радијатори, бории, вртелешки, олуци и покривна конструкција.

Изработките се умешност. Се црта, па се прави калап и потоа се произведува од обична ламарина која може да се шприца. Ги има разни форми ребрести, како локуми и ромбоиди и сл, пластифициран до пониклуван материјал, кои светат и не грдеат. Најважно е двапати да се мери, еднаш да се сечи, да биде во ред падот на водата, лежиштето.

– Треба да тропни чеканот и да сече ножицата. Така се вежба и раката и окото. Најлесна е боријата. Кривулето е комплицирано, посебно “фалтите”. Има заработувачка од занаетот, но ризичен е. Најважна е дарбата и трудољубивоста. Зашто во ситниците се буцканиците. За неколку часа се правеле до 70 – тина решетки за тулумби, а сега тоа машините го прават за неколку минути – вели мајсторот Петре.

Трезвеност против природната тежа

За секој занает треба соодветен алат. Важен бил апканот и ајвите згреани на гас, а не како некогаш на ќумур. А работата е како “тешкото”. Претпазлив чекор, полетен дух, трезвеност, прецизност, како на “земја, така и на небо”, при поставување на олуци и покривни конструкции. Ги покривме џамиите во Сандево, Јакреново и Борино. Местевме олуци на џамии, цркви, висококатници, куќи, мудбаци… На високо ги креваме тешките табли со кран. Визијата за работата е проценка на мајсторот – рече искусниот тенекеџија. Неговата сопатничка Соња му помага во дуќан каде се нудат дел од асортиманот од 190 ламаринени производи. Од ситниците не се заработува, муштерии се главни од селата. Се плашам за природата на работата на сопругот. Посебно кога прави украсни петлиња на аглите од олуците. Ризично е на покривот. Неколкупати падна, за среќа со помали последици, а моментно окото му е крваво – објасни Соња, која е дел од “височините” на семејството Талески.

Loading