МНОГУВЕКОВЕН АМАМ ВО ДВОР

Прилепчанецот Киро Темемелески чува споменик дома

Во 1953 година местото го купил од Турчин, најнапред ја покривал со цирада, а потоа направил покрив над амамот 

…Некогаш вриело како во кошница. Во бањата заеднички се делела радоста на различните етникуми во градот. Доаѓале стројни моми. Амамот ги крие во себе тајните за прилепчаните. Се капеле невести пред венчавка, се пееле песни, светкале испотени тела, додека топлата вода ја туркала калта од кожата. Под кубето, во кое облаци пареа ги криеле ликовите, најчесто во одделни делови се миеле мажите, а во други жените и децата… Повозрасните се сеќаваат на времето кога амамите биле собиралиште, каде особено во саботата се точкале луѓе. Во бањата биле инсталирани специјални системи за греење, преку кои водата се носела, се пренесувала до дворот на амамот, а потоа се загревала, за да ги “гали” уморните тела, калосани од тутунот. Изградена пред неколку века, во дворот на семејната куќа на Киро Темемелески, бањата иако мала, сé уште зрачи со посебен шарм. По многу децении, од сјајот, мирисот на стариот амам, останале само ѕидовите кои ќе се распаднат, доколку не се грижи, сопственикот на земјиштето, Киро Темемелески. Во 1953 година местово го купивме од Турчин, од оџа. Овде била палтата на бегот. Откако е купена куќата, бањата никој не ја користел. Беше разрушена, а казаните извадени. Продавачите беа стари, а дворот како џунгла. Имаше две порти – една голема и една мала – вели Темемелески.

Врз старата турска бања близу до општината, забот на времето ја покажува својата моќ. Историскиот објект препуштен е сам на себе, да пропаѓа. Секојдневно амамот се обезличува. Ѕидовите се распаѓаат, таванот пропаѓа, а куполата се урива.

– Порано бањата ја покривав со цирада, ама колку можев?! Ветрот ја туркаше и ја отскриваше. Купив, тополи и ја покрив асолно. Ја користам за магацин. Сакам да ја заштитам, ама дојде до расправија со комшијата. Да не беше претходниот “шеф” на музејот, ќе го турнеа заштитниот покрив. Дојдоа да туркаат, и тој, сета работа ја сврши за да не урне и да остане, колку-толку, заштитена – вели Темемелески.

Тој вели дека одвреме навреме доаѓаат од Музеј, сликаат, ама ништо не прават. И сé останува така. Не му смета, но сака да биде уредена и посетувана.

– Нека дојде кој сака нека ја разгледуваат слободно. Сите гости кои ми доаѓаат, ги носам да ја видат бањата, изградена пред 200-300 години. Нема да градам ништо на тоа место. Не помислувам на туркање! Урбанистичкиот план уште не е излезен и дворното место сакам да го откупам – објаснува Темемелески.

Доаѓале од Музеј и сликале, но сé уште ништо не се презема за објектот и дали тој се води како споменик на културата. Амамот чека пари од Министерството за култура, а дотогаш ќе ја има грижата од старечките раце на Киро Темемелески. Не е заинтересиран за пренамена на објектот, а со ревитализација е невозможно да прерасне во салон на хигиена, или да се најде инвеститор за обновување на некогашниот ориентален украс на градот.