МАЈМУНСКА “ФИЛОЗОФИЈА”

Од косо видено

Ја преживеавме и оваа седмица. Потопот, најавен од сограѓанинот-не се случи. Но, над главите, како Домаклов меч, ни виси своевиден духовен потоп. Го прорекува се поприсутното “добар човек-брат на магарето” (паталец според Езоп). Противниците на таквото братство практикуваат мајмунлаци од секаков вид. И ги објаснуваат како најприродно однесување. Можеби ќе приговорите – во Прилеп мајмун не игра. Нема кој да му го мафта циркузантскиот стап. Да, но проверете да нé сте од оние на кои им се испосечени гранките од дрвото на животот. И незамисливо им е да живеат како мајмуни. Затоа не сте ги забележале мајмунлаците од оние со неиспосечени гранки. На нив дури и мајмуните им завидуваат. Тие ни олеснуваат нив да ги согледаме.

Некои фотелји се заменети со гранки – “мајмуните” не гледаат разлика во тоа. Заседнале со власт и ги испрчиле градите. Од заповедничкото стегање на вилиците и надуеност. Тие одат “шепа под шепа” со власта. Брзо развиваат несразмерна претстава за својата важност и големина. Се сомневаат и плашат дека другите нив не ги забележуваат и ценат доволно. Па, својата сила ја манифестираат видливо и гласно од “високите гранки”.

Многумина, дури и на пониските гранки, развиле балкански пристап. Не мислат како добро и брзо да ја извршат работата, туку поважно им е што, по повод работата, можат да кажат за себе и за другите. Суета што ги опаметува мајмуните – не работат за да не еволуираат понатаму. Ги плаши контраеволуцијата на некои наши “мајмуни”. Не ги двоуми ниту тезата за човекот како идеална иднина за секој мајмун.

Опасно е што таквата контраеволуција може да стане масовно заразна. Имено, со ставањето во улога на мајмун многу неверојатни нешта стануваат блиски и разбирливи. На пример, во мајмунскиот живот убавото однесување е неприродно и невозможно. Воедно, мајмунската “филозофија” нуди олеснувања и решенија за многу нервози. За мајмуните секое дрво е татковина. При опасност од безперспективност, спасителен е мајмунскиот скок на соседното, државјанско дрво. Општо, при секоја нечовечка случка, доволно е да се “исфилозофира” како би реагирал мајмун. Поволниот исход е гарантиран.

Значи колку почесто се мајмунисуваат нештата и луѓето во животот, толку понеопходна станува мајмунската “филозофија”. Основно, линијата на помал отпор мораме да ја задебелиме – многу “мајмуни” се изнабесија. Дополнително, да се заложиме избраните да слезат од високите гранки – се премајмунисаа. Декадентно е да ја имаме во вид можноста дека некои луѓе се создале од мајмуни. Обично, здравите мајмуни остануваат мајмуни. Човекот станал човек низ долгата борба со мајмуните во себе. Убил многу, но некои преживеале. Впрочем, мајмуните и не се баш горди на своите потомци.

Но, се чини дека и целото човештво ќе мора мајмунски да “филозофира”. Да ја претвори планетава во луда коцкеста топка. Се коцка со можноста за вистински потоп. И на мајмуните им дава прилика пак да ни бидат предци.

Марјан Спиркоски

Loading