КОЈ НИ ГИ ОДЗЕДЕ КУЛТУРНО – УМЕТНИЧКИТЕ ДЕЈНОСТИ!?

Прилепчани имаа посебен однос и почит кон народните културно – уметнички вредности. Тие вредности населението ги чувало, ги негувало како аманет од своите претци. Ги предавало на своите поколенија и ги воспитувало во духот на македонската издржливост на сиромашкиот живот, издржливоста во борбата за слобода на татковината и за се друго што е хумано и човечко за Македонецот на Балканот.

Ете тој, Македонецот, ја славел борбата за слобода, па дури и преку орото, преку подвигот на ногата, подвигот на раката и целото тело. Се играло орото “Тешкото”, “Калајџиско”, “Ибраим оџа” и др. преку кои се манифестирала тешкотијата, радоста, веселоста…

Денес, каде сме? Се натпреварувавме во сарми јадење и пиво пиење па, се запишуваме во Генисовата книга со изедени сарми и испиено пиво. Каде не водат сармалијадите или пијачките на пиво. На север се Марковите кули, а на југ Паркот на револуцијата каде е Могилата на непобедените. Градот е прогласен за град херој.

Се чудам како се воспитуваат младите генерации во “духот на македонскиот национален патриотизам”, па и интернационализам – со јадење сарми, пиење на пиво (алкохол) или претворање на чаршијата или плоштадите во кафеани па, обичниот човек на македонштината не може да помине по правиот пат, а мора да ги обиколува кафеанските маси и столови , да не го наруши спокојството на кафанските луѓе.

Наши татковци, наши водачи, свестете се каде ги водите нашите чеда, каде ја водите младоста? По кафеаните, по улиците, каде!? Еден ден ќе се свестат, оти ќе ги принуди гладот и сиромаштијата и ќе ги поведе против вас. Боли, лудо боли болката од лагата и гладот.

Кој го внесе врховизмот на Тодора Александров во нас. Тој, кој го уби Ѓорче Петров, авторот на првиот устав на ТМОРО во соработка со Делчев, усвоен уште во 1896 година, а неговата слика стои закачена на трговскиот центар цела деценија.

Одамна не постои Градскиот хор, раководен од образовани музичари, дури и од рангот на Трајко Прокопиев. Во хорот беа застапени сите како машки така и женски гласови. Хорот настапуваше со целовечерни концерти, заземаше значајно место и на Тетовските хорски одѕиви. Но, залуден бил успехот, иако исполнуваше видни хорски патриотски, љубовни, хумористични и други народни и уметнички творби кои го подигаа патриотскиот дух. Работеше и Ансамбл за народни ора и песни првин под покровителство на Локалната управа, а потоа и под покровителство на Тутунскиот комбинат. Членовите исполнуваа најсложени македонски ора кои го “прошетаа” светот. Во 1968 година на светскиот фестивал за фолклор е во градот Ланголен во Англија го освои првото место на светско ниво. Остана само сенка од ансамблот. Постоеше и Клуб на млади писатели под име “Никола Јонков – Вапцаров”. Ги обединуваше младите литературни творци. Се издаваа годишни зборници со творби. Членовите гостуваа по градовите, даваа литературни читања и го афирмираа македонскиот поетски збор и јазик. Денес, младинскиот клуб не е ни организиран. Општествената заедница не води никаква грижа за млади литерати. Постои и Друштво за наука и уметност. Тоа одржало редица научни собири, на кои научниците настапувале со редица научни трудови. Последниот на тема: “Прилеп и Прилепско од 1893 година до 1918 година”. Остана за научна обработка преродбенскиот период од 19 век. Залудна е желбата кога не се одделува за културни и научни дејности, а каде ќе патуваме без наша преродба, без па и подлабокото осветлување на црковното дело. Тешко се оди во иднината без црквата, делото и будителската улога на националната свест.

Нашите водачи и чувари на народните пари да се свестат за трошењето на парите со мака спечалени од народот како и за образованието и воспитувањето на идните млади генерации. Еден народ, една држава, без добро воспитана и образована млада генерација во духот на националната свест и историја, народносното значење на сите уметнички вредности, нема добра иднина и подлога за развивање на националната свест. Заедницата да не води повеќе грижа за спомениците на личностите од антиката кои биле поробувачи на други народи.

Александар Иваноски – Глоговичанец

Loading