ВИДИК – ПОВИДОК, ЧАСТИЦА – ЧЕСТИЦА

“Дали е на ПОВИДОК решавање на проблемот за името”? Ваква реченица слушнавме на една од телевизиите. Зборот ПОВИДОК го слушаме мошне често. А што значи тој? Дали воопшто нешто значи? Ако се размисли малку ќе се констатира дека е измислен и дека ништо не значи. Зборот ВИДИК е одбележан во Речникот на македонскиот јазик. Не сме уверени дека тој има некоја подлабока основа во нашиот јазик, но тој, ете, нашол подотворена врата, влегол во нашиот речник и се зацврстил. Можеби потребата го наметнала тоа. Повеќе е во употреба множинската форма – ВИДИЦИ. Во Речникот, зборот ВИДИК е објаснет така што тој го означува просторот до каде што може да се види со голо око, што може да се опфати со поглед. Во српскиот јазик го има истото значење. Србите би рекле – “Решавање проблема је на ВИДИКУ”. Ако е такво значењето и во нашиот јазик (а такво е), зошто тогаш да не се рече – “Дали е на ВИДИКОТ решавање на проблемот за името”? Значи, дали се гледа, дали се наѕира, дали се насетува такво нешто? Тоа е смислата на прашањето. Зошто не се користи зборот ВИДИК кој има такво значење, туку се измислува збор ПОВИДОК. Таков збор не постои, а овој што го измислуваат нема никакво значење. Со едно поинакво значење, можна е именка ВИДОК. Од глаголи можат да се образуваат такви именки со наставка ОК. Од ВИДУВА – ВИДОК, од БАЦУВА – БАЦОК. Во својата Граматика, Блаже Конески, покрај другите, ги зема за пример токму овие именки – ВИДОК и БАЦОК. Ја приведува за пример реченицата – “Бевме на ВИДОК”. Овие именки се ретки, ретко се употребуваат, но се можни според нашите зборообразувачки правила. Како што гледаме имаме именка ВИДОК, но таа нема значење на ВИДИК. А сега, вака префиксирана – ПОВИДОК го губи и тоа значење што го има. Затоа, во ваква ситуација треба да го користиме ВИДИК (кога веќе го имаме), а вака измислен и исконструиран збор – ПОВИДОК не значи ништо и не треба да се користи. Има и еден друг збор кој создава дилеми кај многу луѓе. Знаеме дека во македонскиот јазик, како и во сите други јазици, постојат менливи и неменливи зборови. Во неменливите се вбројуваат и оние кои се викаат ЧАСТИЦИ (ЧЕСТИЦИ) или ПАРТИКУЛИ. Токму тука е дилемата! ЧАСТИЦИ или ЧЕСТИЦИ?! Во Граматиката на Блаже Конески се напишани како ЧАСТИЦИ, а во Речникот на македонскиот јазик и во Правописниот речник се одбележани како ЧЕСТИЦИ. Веројатно луѓето стравуваат дека ЧАСТИЦА е српско, па го пишуваат ЧЕСТИЦА. Но, тој збор нема никаква врска со зборот ЧЕСТ, ЧЕСТЕЊЕ, ЧЕСТИТАЊЕ, ЧЕСТВУВАЊЕ или правење ЧЕСТ некому. ЧАСТ значи дел од нешто, а ЧАСТИЦА (ЧАСТИЧКА) значи мало делче. Во бугарскиот јазик овој збор (ЧАСТ) е во почеста употреба. Тие велат дека едно цело е поделено на повеќе ЧАСТИ ( делови ). Го има овој збор и во рускиот јазик. Често ќе сретнеме во некоја руска книга ПЕРВАЈА ЧАСТ – ПРВ ДЕЛ или ВТОРАЈА ЧАСТ – ВТОР ДЕЛ. Во српскиот јазик, како и во нашиот се употребува главно деминутивната форма. И што е интересно во српскиот јазик не е ЧАСТИЦА туку е ЧЕСТИЦА. Остануваме на мислењето, дека во нашиот јазик најточно би било ако се употребува ЧАСТИЦА (ЧАСТИЧКА), како што е одбележано во Граматика на Блаже Конески, а и во други граматики, ако веќе не го употребуваме странскиот збор ПАРТИКУЛА. Ете, ова зборче не принуди да претераме многу граматики, многу речници (и македонски и српски) и разни други помагала. На крајот да повториме, дека најточно е, ако се употребува зборот ЧАСТИЦА (ЧАСТИЧКА).

Благоја Ивчески

Loading