ФАСЦИНИРА ВИВАЛДИ

Ана Митоска, уметник

Професијата некогаш се наметнува сама по себе

Гласот е “најсовршен инструмент”

Ана Митоска е концертен уметник. Сопран, која пее во Македонската опера и балет во Скопје. Дипломирала на Музичката академија во Скопје во класата на професорот Славица Галиќ – Петровска. Музичкото образование го започнала на седумгодишна возраст, изучувајќи пијано кај Наде Јанчулеска. Настапувала на повеќе манифестации, меѓу кои Мајски оперски вечери, Охридско лето, Битолско културно лето, Денови на македонската музика, Скопско лето… Заедно со Верица Шотаровска, која ја придружуваше на пијано, имаше концерт во родниот град.

Што е разликата меѓу оперски и концертен пеач?

Пеењето класична музика може да биде оперско и концертно. Пејачот може, но и не мора да биде истовремено концертен и оперски. Моментно сум повеќе ориентирана на концертното пеење. Има толку различни сфаќања за тоа што е оперски пејач, колку што постојат уметници. Сакам малку да ги демистифицирам работите. Како секој уметник, и пејачот кој изведува класика, работи да овозможи, ни помалку, ни повеќе, туку забава и уживање на публиката, со тоа што во исто време пее, глуми, танцува и прави се друго што бара репертоарот. Можеби актерската игра повеќе доаѓа до израз во изведувањето опери, што не значи дека сите концерти треба да се сфатат како статични и излезени од еден ист калап.

Ретки се прилепчани, “загазени” во класиката. Зошто ја одбра оваа професија?

Повеќе таа ме избра мене, се шегувам… Професијата некогаш се наметнува сама по себе, а следот на настани нé води и покажува каде треба да го направиме следниот логичен чекор.

Од кога се појави желбата за оперското пеење?

Со музиката во многу нејзини правци се сакаме откако памтам за себе, но со класичното пеење се сретнав релативно доцна. Голем предизвик е, бидејќи нуди можности, како во поглед на техниката која го облагородува т.н. “најсовршениот инструмент” – гласот, така и по изборот на репертоар. Не тврдам безусловно дека школуваниот глас е секогаш надмоќен во однос на другите, ниту пак дека оперскиот начин на пеење треба да се плетка секаде – кај што оди и кај што не оди. Прашање е на вкус, но како лош пример го сметам користењето нападни оперски вокали во некои видови метал или народна музика. Тоа се прави со слух и не по секоја цена. Сепак, за еден добар пејач на класична музика (се разбира оној кој прави вистински избори во поглед на репертоарот), можностите се побогати. Поборник сум за тоа дека работата се исплаќа, а еве и неколку, ќе ми простите, искарикирани илустрации. Споредете ја “Аве Марија” од Шуберт, во изведба на Долорес О’Риордан од Тхе Цранберриес со истата композиција во изведба на било кој оперски пејач, тука се и Ренéе Флеминг или Кири Те Канања. Потоа погледнете ја наполитанската “о Соле Мио во изведба на Павароти, заедно со Брајан Адамс и сами ќе донесете заклучок.

Дел си од Македонската опера и балет. Колку те исполнуваат настапите или е “тесно”?

Работата во државна институција, во голем колектив е како секоја друга. Има предности и недостатоци. Знаеме колку малку се вложува во музичката уметност. Тоа не е оправдување за човек да престане да инвестира во себе. Во крајна линија, настапот може да исполни онолку, колку што човек индивидуално работел на него. Во моментов, се пронаоѓам во тоа што го работам.

Кој е твој сон на улога?

Ги има повеќе. Еве ќе спомнам еден автор кој отсекогаш ме фасцинирал. Тоа е Антонио Вивалди. Би сакала да ги изведувам неговите опери, но и ораториуми, миси и други вокални дела.

Какво е чувството на сцената?

Никогаш не е исто чувството. Зависи што се пее, пред каква публика… Секогаш се учи нешто ново, се совадува нешто ново и пак е различно. Колку повеќе успевам да го применам при настапот, она што сум го сработила претходно, толку сум посреќна и позадоволна, а аплаузот е најблагодарен показател и најдобра мотивација за напред. Во класичното пеење нема многу простор да се “извадите” на инспирација. Вистинската работа се гледа и се чувствува. Совршенство не постои, но битно е изведувачот да се забавува и да се обиде да и ја пренесе на публиката својата енергија, да донесе своја атмосфера, да покаже најдобро што знае, како тој ги чувствува композициите. Идеално е, ако успее да ги отпее како да ги слуша првпат!

Loading