СЕ ОТПЛЕТКУВА “ФАЛАНГА”

По пет месеци притвор во Скопје, започна судскиот процес против 29 лица обвинети за кражба и тргување со артефакти во акцијата “Фаланга”. Обвинетите се бизнисмени, полицајци, археолози, диви копачи, невработени, меѓи кои и осумина прилепчани. Се товарат за злосторничко здружување, оштетување или уништување културно наследство, присвојување и изнесување во странство. На други на душа им се става и злоупотреба на службена положба и овластување. За грев им се припишува и меѓусебно соработување, ископување, крадење и тргување со вредните археолошки наоди. Обвинетите беа уапсени во јуни годинава. Тогаш, полицајците вадеа артефакти од домови со големи димензии со вилушкар. Се кренаа скулптура на машки великодостојник без глава, постаменти за јонски столбови, фрагмент од архитектура со мотиви на флора и еден капител со крст и гулаб. Кај останатите се откријаа монети, бакарни прстени и други поситни артефакти. Според МВР, кај обвинети биле најдени над 3000 монети, 20 фигури со различна големина изработени од камен, бронза, бакар и мермер, голем број на керамички, бакарни и месингени садови, над 160 парчиња разновиден накит (белезици, прстени, приврзоци, медаљони), над 300 метални, камени и керамички делови од предмети, метални секири, повеќе мермерни постаменти и плочи, метални копја, повеќе од 10 икони и други предмети. Беа одземени стари пиштоли и сабји, околу 20 метал – детектори, 14 сонди и други направи. Сега обвинетите на суд треба да докажуваат дали се виновни или не за ископувањето, тргувањето и продажбата на вредните македонски артефакти.

Loading