ПОРЕМЕТЕН – НАРУШЕН, ОПОРАВЕН – ЗАКРЕПНАТ

 

Ќе набележиме некои грешки, па потоа ќе ги образложиме.

– ОПОРАВИ, ОПОРАВОК

– ПОРЕМЕТИ, ПОРЕМЕТЕН

– ДОСПЕАНИ побарувања

– КЛИМАВА влада

– приватен СМЕШТАЈ

– ЛЕЖАЈ

– ПОМАКНУВАЊЕ на роковите

Еве, на едно место, во исто време, многу грешки. Само во една полчасовна телевизиска емисија.

Повеќето од овие грешки имаат зачестена, речиси редовна употреба. Особено зборовите ОПОРАВИ (ОПОРАВОК) и ПОРЕМЕТИ (ПОРЕМЕТЕН). Слушаме дека нашето стопанство тешко ќе се ОПОРАВЕЛО од големата криза. Слушаме дека некој спортист бил повреден, но брзо се ОПОРАВИЛ. Не е наш овој збор. Спортистот бил повреден и брзо ЗАЗДРАВЕЛ, брзо ЗАКРЕПНАЛ, а не се ОПОРАВИЛ. Истото се однесува за стопанството. И тоа може да ЗАЗДРАВИ, да ЗАКРЕПНЕ, да ја преброди кризата.

ПОРЕМЕТИ (ПОРЕМЕТЕН) исто така не е наш збор. Чувме дека играта на нашата репрезентација била добра, но по исклучувањето на тој и тој играч, се се ПОРЕМЕТИЛО. Се ПОРЕМЕТИЛА концепцијата, начинот на играње.

Некој човек бил со ПОРЕМЕТЕНО здравје. И такви изрази слушаме. Зборот ПОРЕМЕТИ (ПОРЕМЕТЕН) не е наш. Треба да се рече дека се НАРУШИЛА концепцијата на нашата репрезентација. Човекот бил со НАРУШЕНО здравје. Тоа е нашиот збор. Чудно е колку често ја слушаме оваа грешка. Особено на телевизиите, на сите, без исклучок.

Таа и таа фирма не можела да ги плати ДОСПЕАНИТЕ побарувања. Ја слушаме оваа грешка од електронските медиуми, ја читаме редовно во весниците. Тоа се побарувања кои СТАСАЛЕ (ДОСТАСАЛЕ), СТАСАЛ рокот за плаќање, а не ДОСПЕАЛ и не ДОСПЕАЛЕ побарувањата. Но ете, така е во српскиот јазик и ние го преземаме без да биде тоа потребно. Без да помислиме дека тоа не е наше.

Во емисијата слушнавме дека Белгија имала КЛИМАВА влада. Пак преземено од српскиот јазик. КЛИМАВО значи нешто несигурно, нестабилно. Нешто што се ниша, нешто што се порева. Можноста од паѓањето на НЕСИГУРНАТА белгиска влада може да се објасни со кој и да е од набележаниве зборови. Можеби и со некои други. Но, КЛИМАВ (КЛИМАВА) не е наш збор. Лекторите, по обичај, не обрнуваат доволно внимание. Тоа станува практика.

Ете, во тој половина час слушнавме и рекламирање на некое туристичко место. Покрај другите пофалби беше речено и тоа дека туристите можат да побараат и приватен СМЕШТАЈ. Во нашиот јазик, именки изведени од глаголи со наставка АЈ не постојат, освен во некои исклучоци и тоа пак како позајмени зборови. Туристите можат да најдат приватно СМЕСТУВАЊЕ, приватни ЛЕГЛА, а не приватен СМЕШТАЈ. И со ЛЕГЛАТА се прави истата грешка. И таа грешка ја слушаме. Чувме дека цената за еден ЛЕЖАЈ е толку и толку. Во македонскиот јазик не е ЛЕЖАЈ, туку ЛЕГЛО.

Да завршиме со ПОМАКНУВАЊЕТО. И во други случаи сме ја слушале оваа грешка, особено на телевизиите. Гледаме снимка од работата на некоја Комисија во Парламентот. Претседателот (ката) на Комисијата зборува нешто за некакви рокови. Вели дека многу рокови биле ПОМАКНАТИ. ПОМАКНАТИ значи ПОМЕСТЕНИ, ОДЛОЖЕНИ за некое друго време. Што ли ги тера нашиве луѓе да го користат овој збор?! Често ја слушаме и именката ПОМАК. Жалосно!

Благоја Ивчески

Loading