БЕСКОМПРОМИСЕН “МАЈКИ”

Димитар Ѓорѓиевски, главен лик во филмот “Мајки”

Актерот Димитар Ѓорѓиевски го игра главниот лик во филмот “Мајки”. Вели дека тоа е филм со поместени многу граници во снимањето филмови, особено во Македонија, каде малку се експериментира со формата на филмовите. Располага со силна емотивна база.

Различни се ставовите, особено во документарниот дел, за што се вели дека е доста бескруполозен?

Не сум човек кој сака да поставува граници меѓу обѕирно и безобѕирно. Но, ако се мисли на бескомпромисен, тогаш уметноста е дисциплина во општественото живеење, каде авторот не би требало да прави компромиси, особено не со самиот себе. Филмот го доживувам како комплетно уметничко дело. Ги почитувам мислењата, но не одам подалеку од тоа.

Го играш Симон. Твојот лик е и на постерот. Ти годи ли тоа?

Нормално дека ми годи. Пријатно е чувството кога некој го цени трудот и доверува задача на која верува дека успешно ќе одговориш. Според коментарите, а и по мене, коректно одработив. Дали сум отишол подалеку од коректно, публиката треба да оцени.

Не ти е прво искуство со Милчо Манчевски. Играше и во Сенки. Како е да се работи со овој режисер?

Многу комотно и убаво. Комотно поради тоа што се работи за многу подготвен професионалец, кој грижливо ја одбрал екипата и сите знаат што работат. Импровизацијата е сведена на чиста креативност, а не на аматерско снаоѓање. Убавото произлегува од тоа што Милчо дава слобода во креативноста и го цени мислењето. Тоа прави, кога зборувам за филмот, да можам да речам “нашиот”, а не “неговиот” филм.

Филмот од вечерва се прикажува и во Прилеп. Која е твојата порака?

Штета е што условите не се на повисоко ниво, односно немаме кино. Но, не можам многу да сторам, освен да упатам порака дека би било убаво некој да се обиде да опреми кино сала во градот со прилично богата историја во киноприкажувањето. Голема штета е што во Македонија не се вложува во тој сектор. Не викам дека државата или локалните власти треба да го прават тоа. Може и приватници. Но, ова е голема тема за која не сум единствениот што треба да зборува.

Плановите во филмот, театарот, со оглед дека веќе си дел од прилепскиот театар?

Има најави за учества во филмски проекти, ама уште се на ниво на преговори и договарања. Рано е. Од друга страна, горд сум што сум член на ансамблот на прилепскиот театар. Во континуитет нуди одлични претстави, кои, не само што се ценети од публиката за добри за гледање, и предизвикуваат. Играме претстави, за кои, на наша радост, има интерес. Зашто театарот, заедно со спортските натпревари, се единствените јавни собири, каде оној кој е на сцена, во живо прави нешто за општо задоволство.

Мајки” премиерно во Центарот за култура

Точно 128 минути трае најновиот филм на Милчо Манчевски, “Мајки”, кој од вечерва до 18 ноември се прикажува во ЦК “Марко Цепенков”. Играат Димитар Ѓорѓиевски, Ана Стојаноска, Владимир Јачев, Ратка Радмановиќ, Салаетин Билал, Диме Илиев, Марина Поп Панкова, Милијана Богданоска и др

Вистинска приказна е за едно општество од негрижливи и отсутни мајки, каде децата беснеат. Ги портретира сите типови на мајки: посветени, мили, отсутни. Се претставуваат луѓе со трагедиии и радости во трите приказни. Документарниот дел донесува непознати информации.

Дел од кадрите за филмот, кој со поддршка на Филмскиот фонд на Македонија и Министерството за култура, лани се снимаа во неколку мариовски села.

Loading