МАКЕДОНИЈА ГО МРАЗЕШЕ НАЈДОБРОТО

Во Прилеп Бранко Црвенкоски рече дека ВМРО – ДПМНЕ се срами од НОБ и го релативизира нејзиното значење. Тоа налага потреба од поширок коментар, затоа што молчењето би предизвикало чувство на вина. Она што бликна како жива сила во душата на Македонецот, кога после толку години воскресна за нов живот, за едно кусо време беше скршено, поиграно од своите. Трагедијата започна овој час, кога слободата се почувствува како власт. Во времето кога најспособните кадри беа најпотребни, тие ги уништија, како кинезите во културната револуција. Нé учеа 50 години не учеа дека насилството е грев, бидејќи воспитувачите се послужија со својот народ и насилнички дојдоа на власт.

Зошто никогаш не сфатија дека не е среќен оној кој живее меѓу несреќните. Еден голем дел од Македонците остана под ропство, остана да гори во пламенот на една борба на живот и смрт. Слободните Македонци изнемоштени, под притисок на времето на преживеаните, после толку жртви и неуспеси, беа следени неотстапно од истата глутница на расипници, ослабувајќи ја раката што треба да се дигне за одбрана. Нивната моќ беше во моќта на партијата. Власт над луѓето беше во севласта на тоа божество. Кај некои, бесрамноста ја презеде командата над нивната личност.

Македонската интелегенција го свитка грбот, падна пред суровите испитувања на кои беше подложен целокупниот македонски народ. Не се одлучи да тргне по стрмливите патишта на подвигот, но кривна по каливите патеки на компромисот, предавајќи ја својата дарба на политичкиот живот, каде господареше подлоста и бесрамноста.

Доаѓа редот на црните тефтери. Ужасно, претресувачко и сите останати суперпсихоними не се во состојба да ја изразат душевната и физичката болка која притиска. Бескрајни списоци со имиња на десетици илјади мажи и жени, заедно со фамилиите во една безумна вртоломидна долина на понижување.

Психички и морално атрофирани индивидуи, во името на народот навлегуваат во интимниот, социјалниот и сите сфери на животот. Македонија го мрази најдоброто од себе си. А десната рака на убијците си ги сака своите сатрапи. Патешествениците имаат различни патишта. Некои кон смрт, други кон логори, затвори, куќни притвори. Во таа битка во духовниот геноцид, исчезна и големиот дел од македонската храброст. Се акумулира црна трагична енергија која тлее и го гасне слободарскиот дух на нацијата. Хероите на историјата за човеково паѓање немаат лице и биографии. Имаат само агентурни псевдоними. Досиеата се лавиринт без решение. По тајните коридори се појавуваат сиви маски на безличја, но и самозадоволни јавни лица за кои не постоел ни закон, ни суд.

Обезнадежен, отруен од апатија, беспартица и историско слепило, народот не можеше да ја искине таа мрежа во која сам се заплетка. Македонскиот Сизиф успеа да стигне до врвот на своите мечти, но не успеа таму и да остане. Само со своето проштевање им се спротивставуваше на таа глутница. Вистински беа мајстори да направат историја и за себе импресивни кариери. Во недостиг на апсолутна вистина, тешко се бришат трагите на нашата колективна срамота, од нашата колективна меморија.

Ни боговите не можат да направат дека не било она што било. Ништо овде не било што веќе не било.

А денес зборуваме само за лустрација, откривање на кодошите од стариот режим. Час поскоро не само да ги осудиме, туку и да ги обелодениме злосторствата, злосторниците и кодошите. Зошто тие имаат свои обележја и привилегии. Казната ги одминува. Но вината никогаш не поминува за крената рака врз браќата свои. Тие денес страдаат од селективна амнезија, но имаат народ со извонредно паметење. И до кога патетично ќе рониме солзи, повеќе над страшната судбина на џелатот, одошто над судбината на жртвата. Каков народ сме ние кога кај нас пцовисала и самата омраза кон џелатот?!

Да отсетам ли на имињата на тројцата најголеми злосторници во Р Македонија, г- не Бранко Црвенкоски?!

Е во тоа е разликата меѓу едната и другата политичка партија и поединци за односот кон НОБ. На едните им се пријатели непријателите на овој народ и на другите им се непријатели нивните пријатели. Точна е констатацијата на Црвенкоски дека ВМРО – ДПМНЕ се срами. ВМРО – ДПМНЕ и поединци се срамат од таа глутница на расипници и убијци изникнати од НОБ, а Бранковата СДСМ им приредуваше и им приредува вечни почести. Погледнете ја само Могилата на непобедените и Паркот на револуцијата. Сами ќе заклучите со каква почит се однесува ВМРО – ДПМНЕ кон паднатите борци и вистински заслужните граѓани за оваа наша Македонија.

Примариус,

д-р Благоја Дамески

Loading