СРАМНО ПРАШАЊЕ – ДА СЕ ЧИТА ИЛИ НЕ

Од косо видено

Се навршија 65 години од формирањето на првата библиотечна дејност во Прилеп. Библиотеката, калеидоскоп на човековите мисли, му донесува светлина на нашиот дух. Книгата е повредна од било кој споменик. Во оној кој ја чита, таа гради жив “човек, кој гордо звучи”. Читањето книги е најдоброто учење кое трае целиот живот. Литературата е “леб” за човековата душа. Како уметност, таа го очовечува човекот. Некој ќе рече, поетика на хартија. Можеби, не е далеку од вистината. Прашањето што е срам да го поставиме, гласи – читаме ли, воопшто, книги? Одговорот е бесрамен. Позната пеачка, во интервју, на прашањето – кој писател најмногу го чита, одговорила “Толстојевски”. Значи таа не чита. Читањето би го расипувало видот. Поради тоа не би можеле да се гледа телевизија. Таа предочува дека сме начитана нација во која секој секого “чита”. Кога би се читале книги, не би се прочитало лесно за луѓето околу нас. Читањето книги многу е потешко. Мислата се придржува на законот на гравитацијата. Оди лесно од глава на хартија. За обратното насочување треба да се вложи огромен напор. Така ќе биде додека со декрет не се укине таа античитачка сила. Дали тоа би било доволно? Стана вистина објавата од футуролозите дека на книгата деновите и се изброени. Интернет сајтовите ја отпишаа хартијата. Со притискање на тастатурата, младите компјутерџии без напор прелистуваат било која книга. За нив, библиотеката веќе е складиште за молци. На повеќето возрасни, пак, односот спрема литературата фројдовски им е нарушен. Во детството им се барало да ги измијаат рацете пред да дофатат нова книга. Денес, кога во книгата наоѓаат влакно од својата коса – готово е со читањето, слично како со јадењето. Понекогаш очајни од таа предрасуда, отвораат некоја книга. Кога ќе се соочат со убавината и памет – тоа ги дотолчува. Ако, при тоа, удобно се сместат, констатираат дека подобро е да спијаат отколку да читаат. При необезбедена удобност, рацете и вратот им отрпнуваат. Читањето им приличи на физичката работа. Невработените знаат дека книгата е најдобар пријател, но не и оној кој обезбедува работно место. Вработените ризикуваат да го загубат работното место како државни непријатели. Само уште тие не им веруваат на јавните медиуми. Значи, никој нормален нема повод да чита книги. Ги читаат “мали, или стари, или осамени, или болни”. Тогаш, да најдеме некој “откачен” повод. Веќе денес купете книги за новогодишен подарок. Заради заразно омасовување, застанете пред Градската библиотека, ѓоа, во слава на книгата. Потоа, пред да ги подарите, до Нова година прочитајте ги тие книги. Ќе ви го олеснат животот. Пријателски ќе ви помогнат да се снајдете во шарениот и бурен свет од мисли, чувства и настани. Ќе ве научат да го оценувате човекот и самите себе. И за најлудата ноќ нема да имате потреба од кинџурење. Душата, облагородена од читањето книги, ќе ви засвети на лицето како најскапоцен камен.

Марјан Спиркоски

Loading