ЦИЦКА, А НЕ СИСА

Нормално пратеник е од опозицијата да ја критикува власта. Искри му излегуваат од очите. Вели дека поради лошата политика на власта, шансите за влегување во НАТО и во ЕУ се многу, МНОГУ МИНИМАЛНИ. Бесмислица. Можат ли шансите да бидат ПОМАЛКУ МИНИМАЛНИ, или можеби МНОГУ МАКСИМАЛНИ. МИНИМАЛНИ значи најмали. Затоа, не може да се рече дека шансите се МНОГУ НАЈМАЛИ, како што не може да се рече многу или малку МАКСИМАЛНИ. Како што е минимално – најмалку, така максимално е најмногу. Затоа, ако шансите за влегување во НАТО и во ЕУ се минимални не може да се рече дека се МНОГУ МИНИМАЛНИ. Не може да бидат МНОГУ НАЈМАЛИ. Не може да бидат помали од најмали. Едноставно, шансите се МИНИМАЛНИ.

Во една телевизиска емисија, еден доктор објаснува нешто за крлежот. Објаснува дека тој може да биде опасен, дека може да предизвика сериозно заболување. Луѓето треба да знаат за таквата опасност. Во еден момент докторот рече дека крлежот припаѓал на таа и таа животинска ВРСТА. Чудно! Зар докторот не знае дека во македонскиот јазик нема ВРСТИ, туку ВИДОВИ. Значи, крлежот припаѓа на определен животински ВИД, а не животинска ВРСТА.

Во една друга телевизиска емисија станува збор за поплава. Силен дожд. Затнати канали, водата се излева и тече по улиците. Претставник од ,,Водовод и канализација,, објаснува дека цевките се чисти. Не се затнати. Едноставно, станувало збор за големи ПАДАВИНИ. Цевките не можеле да ја примат сета вода и таа се излева. Каде ли го најде зборот ПАДАВИНИ?! Немаме ние таков збор. Не ни е и потребен. Тоа се големи дождови, големи врнежи. Во некоја друга ситуација може да бидат и големи атмосферски талози, но ПАДАВИНИ не може во ниеден случај.

На прилепската телевизија спикерката објаснува дека некој некому требало да му плати НАДОКНАДА. И тој збор не е наш. Нашиот збор е НАДОМЕСТОК. Оваа грешка ја слушаме доста често. Исто како што слушаме – НАКНАДНО. Сме чуле дека за тоа и тоа ќе се договореле НАКНАДНО. И тоа е погрешно. Треба да се рече – ДОПОЛНИТЕЛНО. Ќе се договорат ДОПОЛНИТЕЛНО. Во некои ситуации може да биде и ОТПОСЛЕ. Да речеме, дека сега ќе ја завршиме работата, а за парите ќе се договориме ОТПОСЛЕ.

Пак на една од телевизиите доктор објаснува како треба да се постапи во случај на каснување од змија. Меѓу другите дејства што треба да се направат, докторот вели дека, ако е можно, треба да се УСИСА крвта. Чудно е, премногу е чудно зошто се срамиме од она што е наше. ЦИЦКИ се кај нас. Нашите деца ЦИЦААТ, а не СИСААТ. Зошто докторот да не каже дека, ако е можно крвта треба да се ИСЦИЦА а не да се УСИСА. Може да се рече и дека крвта треба да се ВЦИЦА, може дури да се рече и да се ИШМУКА. Но ете, докторот како и многу наши луѓе го употребуваат српскиот збор. Многу пати и за ПРАВОШМУКАЛКАТА слушаме да се вели УСИСИВАЧ. Се употребува тој збор и кај автомобилите. Се мачи возачот, автомобилот никако да запали. Проблемот бил во тоа што станувало збор за ПРЕСИСУВАЊЕ. Колата била ПРЕСИСАНА.

Се обидовме еднаш свесно да го употребиме македонскиот збор. Во една механичка работилница, реков дека станува збор за ПРЕЦИЦУВАЊЕ. Имаше доста присутни. Ни се насмејаа. Тоа им звучеше некако чудно, необично. Мајсторот добронамерно ни објасни дека треба да се рече – ПРЕСИСУВАЊЕ. Му велиме дека детето, ако цица многу ќе се ПРЕЦИЦА. И овде станува збор за сличен случај. Протекло повеќе бензин и затоа колата не пали. “Друго е тоа со детето, а ова си е ПРЕСИСУВАЊЕ”,- одговори мајсторот.

И така! Туѓото го прифаќаме, нашето не го знаеме. Ако го знаеме, се срамиме да го употребуваме.

Благоја Ивчески

Loading