ПОВЕЌЕ КРЕАЦИЈА СО СЕКОЈА ПРЕТСТАВА

Милан Секулоски, актер

Милан Секулоски е млад актер, кој досега играл повеќе улоги во театар. Џон (Четвртата сестра), Васил Чеклаз (Песијазол), Али ага (Светилникот), Лимениот (Волшебникот од Оз), Шише (Тапани во ноќта), Јусуп и Старецот (Кавкаскиот круг со креда), се само дел од ролјите. Илија Кристафилов – Дамјановски во претставата “Антица” е креација, за која вели дека ја игра се подобро со секоја нова претстава. Задоволен сум од соработката со колегите и режисерот во “Антица”. Може повеќе, оти ликот се надоградува, а актерот никогаш не е задоволен од постигнатото. Добиваме позитивни критики. Публиката реагира емотивно, природно и искрено. И лежи ансамблот. Со “Антица” понудивме точност и одредени препознатливи емоции – вели Секулоски.

Предизвик била кооперацијата со Брезовец.

– Брезовец е големо училиште. Мислам дека сега сум подобар актер. Освоив нови театарски димензии. Значајно е да се биде на вистинското место и во моментот со вистинскиот човек. Не знам актер што не сака да работи со Брезовец и да е дел од прилепскиот ансамбл. Сепак, понесува љубовта кон професијата, кон театарот. Со колегите одлично ги пренесуваме емоциите. Секој дава одредена енергија – раскажува Милан.

Посочува дека ликот на Илија Кристафилов бил метафора, а го пренесол со голема страст.

Нема модерен и немодерен или конзервативен Илија. Метафора е. Човек со висок морал, со вистински вредности, кој верува во сé што е добро. Нашиот поглед кон Илија не е толку чист. Малку е погруб, “позапалена глава” од вистинскиот лик, создаден од Ристо Крле. Тој е одраз на денешното општество, што е многу различно. Пренесени се неговите неизбалансирани чувства, какви што постојат во општеството. Човек да се збуни, да се запраша каде луѓето се насочени или некој друг диригира. Илија не е тешко да се игра, зашто голем дел од тој лик го создал татко ми преку мене. Овој е сосема друг. Со Брезовец бевме во конфликт што да одбереме. Го изнијансиравме од широките патриотски чувства, преку несигурноста и фрустрацијата до суптилните љубовни моменти, да не биде сé како во општеството. Се надевам дека успеавме – додава актерот.

Актер, за Секулоски, е стил на живот и став. Актерството значи љубов. Живот. Изразување на одреден став на поединец, група, колектив, режисер. Да се биде актер, значи сé – објаснува Милан Секулоски.

Првата улога универзитетска

Првата улога ми беше Ернандо во “Итрата вљубена” од Лопе Де Вега. Ја играв на универзитет. Улога во стих. Многу ми е драга, не затоа што е прва, туку затоа што е интересен лик. За жал, Лопе Де Вега кај нас не е поставуван – истакнува Секулоски.

Сака да го игра Ричард трети

– Имам желба да го играм ликот на Ричард – трети. Не сега. По 13 -14 години, кога ќе имам над 40. Таа улога ме привлекува, не заради тоа што е монструозен лик, туку заради нештата што можам да ги прочитам во него. Со секое ново прочитување на текстот пронаоѓам фасцинација – вели актерот.

Loading