САКАТ АМАЛ ВАДИ ЛЕБ

Ведар инвалид Џелил Азизоски

Двајца инвалиди создале здрав пород кој со силна енергија го растат

Количката тежи, животот под нозе му жежи

Има 51 година. Џелил Азизоски е мал човек со голем дух. Трудољубив и мирен, велат познаници и оние, на кои им помогнал со своето транспортно средство – количката. За пари или од добра волја. Муштериите го знаат. Најпријатни му се дружбите со Македонците. Вели, би работел, би се дружел повеќе, но пречка му е инвалидитетот во ногата. Го боли, посебно на студ. За повредата на коленото и глуждот докторите му рекле – нема лек.

Пукнатина и инвалидност за навек

Мирно го прифатил животот. Створил седумчлено семејство, на кое и ден денес му угодува, да не фали ништо. Секогаш е тука за петгодишната Барја, Сибела (10 г.), Ѓунер(14 г.) и неговата сопруга, инвалид со повреда на левата нога. Сопружниците – инвалиди одгледале пет здрави деца, со кои се гордеат. Џелил вели дека иако имале желба за образование, децата останале неуки. Се нема услови – тврди тој. Живеат во мала куќичка со салон и соба во населбата Тризла. “Кутиче” со силна енергија и топлина од искрениот глас на најмилите – децата. Зрачела и ги храбрела Џелил и сопругата да се борат, да опстанат во животот. Посилниот пол во семејството Азизоски не мирува. Глувото доба – вечерта ја користи и полнолетниот син Орхан, односно Блаже, заработувајќи со истата количка од татко му, транспортирајќи гајби со шишиња до кафитериите за 150 денари за негови потреби. Стариот тип на количка не мирува. Верно служат 30-тина години со Џелил, а сега и со Орхан. Таа него – тој неа. Храбро и достоинствено дочекувал утра и испраќал пладниња. На седум години паднав од скеле дирекно на земја. Падот беше незгоден. Ги повредив коленото и глуждот. Не бев способен за работа. Совеста ме гризеше. Како без пари? Родителите ми беа сиромашни. Поработив во печатницата во ,,11 Октомври,,. Сега живееме со надомест за инвалидитет. Тоа ни е главно примање. Добро е и доволно. Само здравје и децата да се изведат на добар пат – вели Џелил Азизоски.

Затропуваат парички

Сé уште може да ви прелета ликот и количката на Џелил. По неколку часа стои кај Џамијата со другите амали, кои ги нудат своите услуги и труд. Да лежиш, не се долежува. Коските болат – вели тој. Зимата го легнува Азизоски задолжително на каучот. Знае да се стутка и да се препушти на мислите. Писмен е. Па, има занимација. Гледа ТВ, слуша радио, ретко разлистува и весник. Се одмарал, а потпомагал околу дрвцата, печката… Работам најмногу лете. Излегувам по неколку часа во денот и колку ќе заработам толку. Некогаш 200 денари, некогаш ништо. Можам да носам најмногу до 60-70 килограми. Носам торби или вреќи со зарзават од пазар за купувачите или понудувачите на производи или дуќанџиите. Количка со зајре и за дома. Како другите, со “торбите в раце”, купувам од пазар храна. Немаме овоштарник, ниту бавча. Не можеме тутун да работиме. Помош од никој, зашто сите си ја гледаат работата – рече Џелил Азизоски. Денес, по 30 години “продуктивно дремење” пред Градскиот саат, со количката за пренос на производи, ги врти градските маала. Вели, само до десет часот. Излегува и не знае каде се ќе го однесат нозете и што сé не ќе влечи со себе. Ретки се оние кои потпомагаат. Имам пријатели, кои ми даваат ред за полесни тура, зашто не можам сé да носам. Сепак, ако не заврне, ќе капни. По некој денар тропа во џебот, за лепче, крапче… По маалата ме знаат и нудат старо железо и отпадот да го фрлам. Гледам аир и од тоа – кажува Азизоски, кој нема мобилен, зашто не го разбирал.

Ген на трудољубивост кај Азизоски

Со сопругата не успеале да им обезбедат луксуз на децата. Но, ги научиле на работа и почит. Не успеав да ги дошколувам децата. Само Накие, со 21 години, е мажена и живее во Прилеп. Заврши основно во “Добре Јованоски”. Уште пред 30 години учев француски, горд е Азизоски, кој знае дека подобар е животот со учење. Но, знае дека децата му се вредни. Никаде не прошетал. Прилеп е неговиот свет. Чаршијата, пазарот ги знае на прсти. Знае дека за инвалидите одвреме – навреме дава некој помош или има акции, попусти, преку разни НВО или други здруженија. Кажува дека досега ништо не искористил. Од Друштвото за телесно инвалидизирани лица рекоа дека ова лето ќе не прошетаат низ Охрид, заедно со жената. Не го исполнија тоа. Затоа повеќе не одам по вратите на “хуманитарците” – достоинствен е Џелил Азизоски, свесен дека “Човек најдобро се чеша самиот”, како што велат старите. А тој полека чекори кон зрелото доба. Со накривување, мака и болка. Знае дека секогаш при рака ќе му бидат најблиските.

Loading