КАМИОНЏИИ, ТЕАТАРЏИИ И КОЈЗНАЕ УШТЕ ШТО

Наставките ЏИЈА (ЧИЈА) се употребуваат мошне често во нашиот јазик. Турско им е потеклото. Именките со такви наставки означуваат обично, некое занимање, некоја професија. БОЗАЏИЈА – човек што прави или што продава боза. БУРЕКЧИЈА – човек што произведува или што продава бурек и така натаму. За нови зборообразувања во современиот македонски јазик овие наставки не се многу продуктивни. На пример, некогашниот КОНДУРАЏИЈА, сега никој не би го рекол ЧЕВЛАРЏИЈА, туку ЧЕВЛАР. Има многу такви примери. Новинарите честопати ја употребуваат оваа наставка – ЏИЈА (ЧИЈА) и таму каде не и е местото. Тоа го прават со намера да се добие посочен, поколоритен, често и благо потсмешлив израз. Тоа е добро. Но, до некаде. Многупати сме го прочитале зборот ТЕАТАРЏИИ. Сме прочитале дека ТЕАТАРЏИИТЕ ќе гостувале таму и таму, ТЕАТАРЏИИТЕ ќе подготвувале нова претстава и така натаму. Самиот збор ТЕАТАРЏИИ содржи блага иронија. Тоа не е вистинското име на професијата. Некогаш, еден пријател, сега покоен, кога ќе се сретневме велеше: “Еве го ТЕАТРАЏИЈАТА! Здраво ТЕАТРАЏИ”! Тој дури не велеше ТЕАТАРЏИЈА, туку ТЕАТРАЏИЈА, од основната именка – ТЕАТРО. Некогаш така го нарекуваат театарот – ТЕАТРО, со доза на потсмешливост. Се мислеше дека таму луѓето прават нешто необично, се преправаат, ги превртуваат алиштата, лепат бради и така натаму. Професија, не многу ценета. Слично нешто слушаме и за филмските работници. И тие често се нарекувани ФИЛМАЏИИ. Додека постоеше ракометниот клуб ТУТУНСКИ КОМБИНАТ, новинарите пишуваа дека победиле или изгубиле ТУТУНЏИИТЕ. Рековме дека во определена ситуација тоа може да се употреби, но не треба да се претерува. Во крајна линија, ракометарите не се ТУТУНЏИИ. Заради сочноста на изразот ќе се рече некогаш и така, но границата е танка. Во последно време, најмногу се претерува со КАМИОНЏИИТЕ. Да повториме уште еднаш дека именките со наставката ЏИЈА (ЧИЈА) означуваат професија, занимање. Во случајов, КАМИОНЏИИТЕ ниту произведуваат камиони ниту пак продаваат камиони. Едноставно не станува збор за КАМИОНЏИИ, туку за ВОЗАЧИ, ШОФЕРИ. Веројатно, под влијание на српската телевизиска серија “Камионџии”, и нашиве луѓе почнаа необично често да го употребуваат тој збор. Во серијата е присутно пејоративното, потсмешливото значење. Затоа велиме дека границата е мошне танка. Слушајќи го толку често зборот КАМИОНЏИИ (со значење на возачи) обичните луѓе помислуваат дека тоа е норма и почнуваат да го употребуваат, незнаејќи дека е погрешно. Во последно време тој збор го слушаме од телевизиите и го читаме во весниците безброј пати. Слушавме и читавме дека КАМИОНЏИИТЕ во Грција протестирале. Дека КАМИОНЏИИТЕ правеле блокади. Тоа не се КАМИОНЏИИ, туку ШОФЕРИ, ВОЗАЧИ на камиони. Како што возачите на автобусите не се АВТОБУСЧИИ, како што возачите на лимузини не се ЛИМУЗИНЏИИ, така и возачите на камиони не се КАМИОНЏИИ. Зар би било можно, возачот на локомотива да го наречеме ЛОКОМОТИВЏИЈА или возачот на велосипед да биде ВЕЛОСИПЕДЏИЈА? ВЕЛОСИПЕДЏИЈА е тој што прави или поправа велосипеди, а тој што вози велосипед е ВЕЛОСИПЕДИСТ. Кога ги споменавме протестите, уште еднаш да кажеме дека ПРОТЕСТ и ШТРАЈК не е исто. Сме пишувале за тоа порано. Често слушаме дека КАМИОНЏИИТЕ ќе ШТРАЈКУВАЛЕ на граничниот премин или на некои други прометни места. Сме слушале и најави дека некој ќе ШТРАЈКУВАЛЕ пред Владата. Погрешно е сето тоа. ШТРАЈК е прекин на работата, но работниците остануваат на работните места. Се друго, надвор од работните места е ПРОТЕСТ, а не ШТРАЈК.

Благоја Ивчески

Loading