ВАТРОСТАЛНО ТЕНЏЕРЕ

Млада брачна двојка требало да купи бакшиш за некои младоженци. Тие веќе смислиле и тргнале низ чаршијата да го бараат определениот предмет. Влегуваат во една продавница и мажот веднаш прашува:

– Дали имате стаклени, ВАТРОСТАЛНИ тенџериња?

– Имаме, – одговара продавачот.

– А колку КОШТА? – прашува човекот.

Продавачот му објаснува. Човекот одбира едно тенџере, го разгледува од сите страни. Гледа да не има некаков дефект. Го мери и внимава дали ќе го собира во рерната. Му се допаѓа предметот. Продажбата е завршена.

Зборот ВАТРОСТАЛНА (ВАТРОСТАЛНИ), го слушаме многупати. Дури и една наша спортска екипа од Скопје на дресовите имаше испишано – ВАТРОСТАЛНА. Веројатно спонзор им е некоја фирма која се вика така. А зошто ВАТРОСТАЛНА? Тоа е придавка произведена од именката ВАТРА и прилогот СТАЛНО. И двете се српски. ВАТРА значи ОГАН, а СТАЛНО е ПОСТОЈАНО. Значи, тенџерето е ПОСТОЈАНО на оган, односно ОТПОРНО. Затоа, нашиот збор за овој предмет, за ова тенџере е – ОГНООТПОРНО. Тоа е отпорно на висока температура. Нашиве луѓе го слушнале или го прочитале тој збор од српскиот јазик и го земаат без многу да му ја мислат. Го слушаме од мнозина.

Истиот случај е и со зборот КОШТА. Само да се појде во чаршијата и ќе го слушнеме тој збор на секој чекор. Во трговските дуќани ќе чуеме – колку КОШТА тој и тој предмет! Кај занаетчиите ќе чуеме прашање – колку КОШТА услугата! И така, насекаде!

А зошто да не речеме – колку ЧИНИ услугата? Зошто да не речеме колку ЧИНАТ пиперките и така натаму.

Го преполнивме јазикот со српски зборови. Еве уште еден пример. На една телевизија, битолска, спикерот безброј пати го употреби зборот -ЧЛАНАРИНА. Зар и сега, по толку години кодифициран македонски јазик, во ситуација кога сите новинари се школувани, зар уште да го употребуваме тој збор! Се знае, ако некој некаде или во нешто е ЧЛЕН, тој за тоа плаќа ЧЛЕНАРИНА, а не ЧЛАНАРИНА. Тој не е ЧЛАН. Зар вакви грешки да се прават од новинарите? Па тоа е толку едноставно и логично. ЧЛЕН – ЧЛЕНАРИНА.

Честа е употребата на една необична конструкција, пак под влијание на српскиот јазик. Една новинарка врши анкетирање меѓу случајните минувачи. Темата е влегувањето на Македонија во Европската унија. Ги запира луѓето и ги прашува: “КОЈ е вашиот впечаток? Дали ќе влеземе во Европската унија и дали ќе влеземе во НАТО”? Како тука да има изложено разни впечатоци, па соговорникот треба да го каже, да го погоди својот впечаток. Наместо КАКОВ е вашиот впечаток новинарот прашува – КОЈ е вашиот впечаток.

На друга телевизија ја слушаме истата грешка. Една госпоѓа зборува за убавото однесување. Вели дека од изгледот луѓето ќе препознаат КОИ се вашите надворешни манири, наместо КАКВИ се вашите надворешни манири. Испуштила од предвид госпоѓата дека убавото и правилното зборување е исто така дел од убавото однесување.

И безброј пати сме слушале наместо КАКОВ, КАКВО или КАКВА да се вели КОЕ е вашето мислење, КОЈ е вашиот став, КОЈА е вашата намера.

Во една неодамнешна ТВ емисија, темата беше – АРХИТЕКТУРАТА. Гостин беше госпоѓа која била по професија архитект. Пред име í стоеше титулата ПРОФЕСОР. Зборуваше за проблемите во архитектурата. Даваше мислење за определени решенија. Ги споменуваше и стручните кадри. Во еден момент вели: “стручните кадри треба да одат РАМЕ УЗ РАМЕ”!! Што мана му најде на нашиот израз – РАМО ДО РАМО, не знаеме!

Во сите области безброј грешки. Сите тргнале – РАМО ДО РАМО и пет пари не даваат за јазикот.

Благоја Ивчески

Loading