ЖАРИШТЕ НА КУЛТУРАТА

65 години Градска библиотека “Борка Талески”

Книжен фонд од преку 100. 000 примероци

Градската библиотека “Борка Талески” е институција за дружба со книгата, за следење на дневниот и периодичниот печат, за интернет и нови сознанија Накусо, извор на духовна храна. Во среда библиотеката прославува 65 години растеж. Доволен повод за разговор со првиот човек, директорот Петар Петрески.

Кога започнува библиотечната дејност во градот?

Библиотекарството бележи континуиран и видлив напредок веќе 65 години. Првата била формирана на 22 октомври 1945 година под името Максим Горки. Почетоците датираат далеку во минатото, со формирањето на библиотеки во манастирите, како во Трескавец, за кој Џинот во статија објавена во Цариградски весник во 1854 г. тврди дека имало 20 товари книги. Слични податоци изнесуваат и Никола Ганчев Еничарев во книгата “Во споменание и белешки” и Јован Хаџи Васиљевиќ во делото “Прилеп и његова околина”. Манастирски библиотеки функционирале и во “Св. Никола” во Слепче, во “Св. Спас во Зрзе”, во “Св. Никола” во с. Манастир, кој е и најстар манастир во Прилепско, изграден во 11 век, како и во Чебренскиот манастир, Мариово, од кој, за жал, денес има само остатоци.

Почетоците се со првото читалиште?

Во 19 век Прилеп имал значителен економски напредок. Прочуениот прилепскиот панаѓур бил вистинско огледало за напредок. Граѓанската класа преку него дошла до сознание дека без сопствена култура и образование нема вистински напредок и дека без нив не ќе може да застане рамо до рамо со другите европски народи. Во 1843 година е отворено првото училиште во Прилеп, а, според едни извори, во 1867 г., и првото читалиште “Надежда”, кое за кратко време, станало општ двигател на културата. За жал, читалиштето се затворило во 1874 г. Библиотекарството меѓу двете светски војни го карактеризира т.н. народен дом со народна библиотека. Во 1933 г. трговското здружение формирало своја библиотека и читалница. Формирана била и Трезвена ложа со читалница. Библиотеки имало и во кафеаната од Солета, во 1938 г. во културно – просветното друштво Коста Абрашевиќ.

Што се случува во перидот од 1941 – 1945 год. и по ослободувањето?

За време на Втората светска војна, бугарските власти настојувале да го обноват читалиштето “Надежда” да ја шират пропагандата меѓу македонскиот народ. На Собранието за обновување, Борка Талески предложил читалиштето да се вика Гоце Делчев. Затоа градската библиотека го носи неговото име. Формирана е на 22 октомври 1945 г. во просториите зад старата Стоковна куќа. Имала скуден книжен фонд од околу 1000 книги. Од 1951 ево состав на новиот Дом за култура, а после 56 г. се одвоила за самостојна установа. Во 1984 г. богството книги е пренесено во Домот за култура “Марко Цепенков”. До неодамна имавме четири подрачни библиотеки, во Варош, Ропотово, Тополчани и Кривогаштани. Затворени се во Тополчани, во Кривогаштани. Наскоро ќе отвориме подрачна библиотека на Рид.

Што е денес по 65 години?

Модерна, технички добро опремена установа со високо едуциран кадар и богата со книжен фонд од преку 100 илјади примероци. Прераснува во информативен центар. Подготвуваме систем за електронско зајмување и се заокружува автоматизацијата на библиотечните процеси. Подобрени се условите, набавени се нови компјутери, печатачи, видеопроектори, камера, лап топ и други технички средства; воведена е фискализација при уписите, просториите се климатизирани. Осовремен е ентериерот и читалницата, набавена е нова квалитетна литература, зголемени се корисниците, направен е простор за чување на пасивниот книжен фонд, а изработена е целосно нова веб страница. Претстои реновирање на одделот за странска литература, издавање на монографијата “Манастирските библиотеки во Прилеп и прилепско”, одржување на манифестациите “Млади библиотекари”, “Најдобар рецитатор и најдобра лична творба” и други промоции, изложби…

Интензивно издавате?

Ги издадовме монографијата Прилепскиот ликовен феномен, Биобиблиографијата за Борко Лазески, зборникот Поетско Маркукуле, Живко Козар – 50 години политичка карикатура, Водич, книгата Прилепчани… Во подготовка е каталог со организирање на изложба на 15 млади ликовни уметници, членови на ДЛУП. Библиотеката издаде два броја од подлистокот Библиосвет. Се ова се постигнува со поддршка од Општината. Недостасува повеќе простор и млад и образован кадар за нов полет.

Повеќе манифестации за јубилејот

На пладне се промовира книгата “50 години политичка карикатура” од Живко Козар, за која ќе зборуваат новинарите Тачко Локвенец и Драги Башески. Централната прослава под мотото “Денови на Библиотеката – од читалиште до библиотека” започнува во среда и ќе трае три дена. На 20 октомври ќе се промовира Водичот низ библиотеката, подготвен од д-р Наде Караџоска, заедно со Каролина Крстеска, Петар Петрески и Цветанка Толеска. Во четврток, на 21 октомври ќе биде отворена изложба со промоција на каталог од дела на 15 млади ликовни уметници на ДЛУП. Прославата се заокружува во петок со промоција на книгата “Прилепчани 19 век”, енциклопедиски именик од м-р Славчо Ковилоски.

Попуст за членство в библиотека

Од 15 октомври до 15 ноември Градската библиотека ќе зачленува за сто денари годишно. На 19 октомври ќе има натпревар “Млади библиотекари”, на кој ќе учествуваат библиотекари од училишните библиотеки на возраст до 14 години. Првонаградениот ќе добие училишна торба и книга.

Loading