МАРИОВСКА КУКЛА СКРОИ ПЕТРА ТОДЕСКА

Во обид за бизнис со сувенири

Најтешко за мариовската носија е кистењето на ресите

Петра Тодевска е по потекло од Витолиште. Пензионерката на 61година од “Политекс” ја знае тајната на селската облека, оставена за аманет од мајка í, и од нејзината младост мината во каливите патчиња на Витолиште. Градскиот живот “наложува” на присет на мариовската носија. Ја потсетува за празниците во Мариово или кога некое од внучињата ќе посака да се облече во селска носија.

Првин за внуците, а после…

За кеф на децата, со раце се обидела да скрои и да ујдиса уникатна мариовска носија во минијатурни димензии, налик на онаа која девојките и невестите ја носеле за празници или свадби. Облекла кукла со т.н мариовска облека – такам. Мариовците дома чуваа по еден такам за децата. Тоа е уникатна носија од постарите генерации. Пред 25 години, таква облека за кукла ме инспирира и да направам нешто, карактеристично за мојот крај, каде ја минав младоста. Со мерак прецизно ја скроив и ја сошив рачно облеката со која го облеков голото ,,куклено бебе”, со кое играа децата. За правење на ресите ми помогна мајка ми. Облеката грееше, зашто дојдоа до израз сите додатоци – вели Петра Тодевска. Платното за носијата, посебно саѓијата, се ткаело рачно на разбој, а кошулата се шиела и везела. Ракавчињата биле со кадифен украс. Најтешки се ресите – кисот. Се преди рачно, се вапсува. Користам волница со алова боја, карактеристична за мариовскиот такам. Унечката или ја плетам или ја ткаам. Куклата ја “топлат” плетени чорапи, а на половината носи волнен потанок ресен килим, украсен со синџирче. Градникот со грлце има петличиња и мониста, накит, а на главата задолжителен е тулбенот (крпче) со кивчиња. На косата се додаваат две плетенки од природна коса или од синтетика – објаснува Петра Тодевска.

Нема муштерии

Куклата во мариовска “руба” била изложена на саемот на мед. Не ја понудила за продажба, оти споменот не се продава. Петра скроила иста куклена носија за пријатели, кои не ја зеле. Вели дека ако некој порача, би облекла уште некоја. Пипава е за работа. Тешко се најдува волница во алова боја. Специфично е везењето на кошулата. Нема заинтересирани. Мариовските семејства имаат по една. Носијата им е блиска. Не им се интересни и на иселениците. Не се заработува од мариовска носија за облекување на кукли. Ако се изработи, би вредела над 150 евра, оти треба време, трпение и знаење сé да се стави сето на место. “Копијата” треба да изгледа подобра од оригиналната – велат брачниот пар Тодески. Можеби некој странец, во некој агол од својот дом, би посакал да име нешто од дивото Мариово.

Loading