ДРАМАТА НА ЕДЕН СУНЃЕР

Расказ

 Младата жена го наполни резервоарот со бензин на една од колоните на бензинската станица. Потоа влезе во зградата да плати. Погледот и запна на куп сунѓери, изложени на една полица. Тие полезни предмети беа од оние што на едното лице имаат пластичен слој за грепчење, без да се оштети стаклото, особено она од ветробранот покриено со инсекти што на него се смачкуваат. Изгледа стануваше збор за специјална акција, бидејќи “алатите” носеа етикети со многи ниски цени. Спомнувајќи си дека нејзиниот стар сунѓер во куферот од автомобилот беше извалкан, заради тоа што бил употребен повеќепати, реши да купи нов. И веднаш го стори тоа. Потоа пак седна пред воланот и набрзо возеше по автопатот. По околу еден час, запре на друг паркинг од автопатот да испие кафе во ресторанот. Наедно сакаше да се истушира, оти нејзиното патување траеше дотогаш неколку часа. А жешко беше и таа чувствуваше потреба да се освежи. Кога го зеде од багажникот својот куфер со алишта за пресоблекување, меѓу кои и долна интимна облека, предизвикувачка и лесна како пајажина, го забележа стариот сунѓер ставен во проѕирно пластично ќесе пикнато во еден ќош. Ја зеде амбалажата заедно со сунѓерот во неа, ја фрли во еден ѓубралник и после тоа отиде да се истушира. Простум пред огледалото доста големо за човек во него да се огледа целиот, во кабината со тушот, облекувајќи се, се набљудуваше со задоволство. Беше млада и свежа, косите и се спуштаа како бескрајни водопади од свила и од светлина до рамениците. И тие бранови слегуваа дури до местото каде почнуваа нејзините горди гради, слични на две лубеници. Но, не многу големи. Сепак развиени, споулавувачки. Ова е речено сосема објективно. Подолу на стомакот, на висината од прекрасно исцртаните и изделкани колкови, се најдуваше нејзиниот вдлабнат папок, чија вдлапнтина заслужуваше да содржи бесценет камен што зрачи илјадници виножитни огнови. Уште подолу… Не. Да запреме тука, времето минува, а нејзиниот свршник ја чека да ја претстави на своите родители. Ако се биде како што треба, доколку сообраќајот не заглави некаде на патот, по едно два часа најдоцна, ќе падне во прегратките на момчето. Се насмевна, замислувајќи го младиот човек како подголтнува, заради легитимната и оправдана возбуда, гледајќи ја како блеска завиткана, кога ќе останат сами, во куп од проѕирни ткаенини и тантели. Кога се врати до колата, го извади од амбалажата новиот сунѓер и почна да го чисти ветробранот. Ама измасакрирала инсекти, оние кои при голема брзина се слочкуваат на џамот! Ох, колкава штета! Сунѓерот што пред малку беше нов и чист, сега беше извалкан. Но, нема време да го измие. Подоцна, без сомнение, ќе го стори тоа. Утре, оти таа сакаше сé што е ново и да е чисто. Се качи во возилото и пак се вклучи во сообраќајот. Автопатот полуден, полн со оси, со змии, со тигри, со умноболни… За жал, сунѓерот никогаш не го изми. После неколку минути возење, избувна третата светска војна и не остави жив човек на Земјата. Лимузината надвор од патот, почиваше близу до младата мртва жена. Куферот за багаж зјаеше изненаден, збунет, а неговата содржина беше расфрлена насекаде околу. По некакво среќно чудо сунѓерот останал внатре, заглавен на едно место, затворен во некое проѕирно пластично ќесе. Тажно беше, многу тажно, да се гледа тој мал и практичен сунѓер, плод на остроумните идеи на луѓето -пронајдувачи, што пред одвај два часа беше нов, чист, девствен, ненасилен, а сега беше покриен со остатоци од инсекти и со црнило од издувни гасови чии невидливи честички се залепиле на ветробранот. Тажна, меланхолична глетка, вистинска драма на еден сунѓер, тоа не би можело поинаку да се квалификува.

Даниел Мелвил

Прилеп

Loading