Од косо видено
Пред 12 години, Словенија приреди ајварски проблем. Го присвои и патентира името на нашиот ајвар. Денес на овој словенски јаз’к на јазикот, возвраќаме со поимот “ајвар-изам”. Ќе речете – доста ни е од тие “изми”. Не видовме аир ниту од плурал-изам, ниту од капитал-изам. Слаткоречивите само го загорчуваат животот. Што ќе ни е јазик само за лепење етикети. Покажувајќи на нив ни велат – овој прст е краставица, трчајте по сол. Ја голтнуваме таа вистина и не гризе стомакот. Заради заштита на нашата национална гордост – ајварот, со поимот “ајваризам” да докажеме дека долг ни е јазикот, но барем јаз’кот ни е пократок. И со јазикот да ги гризнеме Слованците, но и себе. Креирањето нови поими ни овозможува да бидеме, барем, мисловно весели. Еве некои примери низ “прилеп-изам”, односно мајтапење. Инаетизам – имитирање на магарешки карактер. Арамизам – ем крадење, ем чесно изгледање. Животизам – неизвесно трчање од лулката до гробот. А,”ајваризам”? До одговорот нé води прошетка низ пазар како своевиден “авантуризам”. Според “прилепизмот”, се оди на пазар само со три срца. Бидеќи, без разлика дали пазарџијата носи кромид или паричник, при отворање, очите му се насолзуваат. Така, пазарџијата тргнува во авантурата “прилепски пазар”. Целта му е – купување пиперки за ајвар. Со надеж дека ќе ја оствари доколку не заскита по патот, како и најголемиот авантурист Одисеј. Но, домашниот есап, не излегува на пазар. Преполн е со зеленчук, овошје и – предизвици. Цените се привилегирани. Само тие скокаат пред да речат “оп”. Затоа, животот можеби е ефтин, но одржувањето е скапо. Носот не му е затнат и таа вистина ја намирисува. И лукот на тезгата пред него. Од љубопитност, прашува: “Колку лукот”? Прекупецот, со интелектуален израз: “240 денари килограм”. Додека пазарџијата буричка во “смрдливата роза”, според Грците, глуми загрижен фитотерапевта да ја избрише очна чуденка. Продолжува:”… Лукот е најмоќниот природен антибиотик. Позитивно влијае врз кардиоваскуларниот систем и во превенцијата за карцином. Зошто буричкате, првокласен е? “Пазарџијата одговара: “Гледам дали во лукот има злато. Цената пресметувајте му ја со гравчиња, не со лубеници”. Тогаш во неговиот здив намирисува лукојна и помислува, “Значи, мило му е што не му сум мил. Тоа е добрата страна на лукот. Не му се приближив многу да ме удри”. Ја продолжува авантурата без модри траги на лицето. Пиперките, пак, од црвенилото поскапеле. Заради пониската цена и макробиотиката, се купува друг зеленчук и овошје. Грав – против бесот од “златниот” лук. Грозје против чувството дека прекупецот го манипулира и сака да го искористи. Пиперката, што го лекува ревматизмот, нека почека. Се упатува дома. Од соседниот двор глас го предупредува: “Комшија, пак не купи пиперки! Те чека судбината од штурчето”. Помислува – ете го”ајваризмот”, зачинет со поентата на басната од Лафонтен. Ајварот се прави долго и чини скапо, во споредба со другите прехранбени артикли. Со долготрајното печење сите полезни состојки на пиперката “фаќаат магла”. Дури и штурчињата тоа го знаат. Ова, од басната, боемско штурче многупати го отпеало и францускиот, неајваризмичен, рефрен: “Јадам да живеам – не живеам да јадам”. Дошла зимата и мравката со надмен прекор му вели: “Летото свиреше!? Е, па сега играј! “Штурчето утрото замрзнало. Билансирајќи го својот живот, неајваризмички избрало материјална смрт во името на духовноста на животот. На пазарџијата уште му е пред очите неговото претенко палтенце и пркосно врзаниот шал околу вратот. И си вели: “Имав баш загулен ден. Сепак, утре ќе биде подобро. Ако ова денес не трае предолго”.
Марјан Спиркоски