СИНО, МОДРО ПА И ЧИВИТ

Пред повеќе години се изгради новата црква на ПЛАОШНИК во Охрид. Предизвика тоа голем интерес. Луѓето сакаа да ја видат. Се правеа масовни посети. Се најдовме во една таква ситуација. Шетавме околу и влеговме внатре во црквата. Многу луѓе. Тука и неколкумина охриѓани. Радосни и горди што имаат такво нешто. Објаснуваат, појаснуваат некои работи што не им се јасни на луѓето. Мошне љубезно го прават тоа. Се постави од некого прашањето – Зошто ПЛАОШНИК? Што значи тој збор? Еден од охриѓаните, доста ангажирано, сака да објасни. Прифаќа една група од насобраните луѓе, во која се најдовме и ние и нé поведува кон оградата, со поглед кон езерото.

– Ене, – вели, гледате? Се е плаво. Насекаде плаво. И така ПЛАВО, ПЛАВО и луѓето го нарекле ПЛАОШНИК.

Не можевме да се воздржиме, а да не се замешаме.

– А од кога се вика ПЛАОШНИК? – прашуваме.

– Од секогаш. Од најстари времиња.

– А од кога се употребува во Охрид зборот ПЛАВО? – прашуваме повторно.

– Исто така, од секогаш.

– Не ќе да е така. ПЛАВО не е наш збор. Тој се употребува кај нас последниве педесетина години. Под силно влијание на српскиот јазик.

– Немојте ве молам – возвраќа охриѓанецот. – Секогаш било ПЛАВО. Па јас сум наставник. – Го соопштува ова соговорникот, веројатно за да биде поуверливо неговото тврдење.

– А дали така се вели и во Струга? – прашуваме.

– Охрид, Струга – исто е тоа. – Како овде така таму.

– Е, па тогаш, спомнете си на стиховите од Миладинов:

…”Бистро езеро гледаш белеит

или од ветар СИНО темнејт”…

Како што гледате, тој не вели ПЛАВО темнејт, туку СИНО темнејт. СИНО е нашиот збор.

Наставникот се најде малку во непријатна ситуација.

– Ете, гледате, – вели, досега не сум размислил за тоа. А што се однесува до стиховите од Константина, точно е. Така пишува. Така и јас им го предавам на децата.

Така заврши разговорот со љубезниот наставник, кој сакаше да објасни зошто се вика ПЛАОШНИК.

Зборот ПЛАВО (плав, плава) не е наш. Со својата структура, тој нема пречки да влезе во нашиот јазик. Но, зошто забораваме на нашиот збор? Или зошто го отфрламе? Тек-тук ќе чуеме некој да рече СИНО. А токму така треба. Небесната боја е СИНА, исто како и езерската. Малку потемната боја е МОДРА. Ретко го слушаме и тој збор. А составите – МОДАР КАМЕН, МОДРИ ПАТЛИЏАНИ се употребуваат редовно. Се удрил некој па си направил МОДРИНКА. И во такви случаи го користиме.

Постарите го паметат и зборот ЧИВИТ. Тоа е мошне постојана боја на светлина, не обелува, не грдее. Се добива од лисјата на некои растенија од Индија – (индигофера тиуцториа). Значи освен МОДРА се употребуваше со истото значење и ЧИВИТ (индиго боја). Сега, модерно е тоа да се вика ТЕГЕТ.

Слично на зборот ПЛАВО, кај нас имаме ПЛАВНО. Но, тоа е нешто друго. Тоа значи – синхронизирано, течно, одмерено. Имаме ПЛАВНО зборување, ПЛАВНО движење. А глаголот плави кај нас значи измивање. Измивање на алиштата од сапуницата. Имаме перење и плавење. Може да се чуе и тоа дека реката го ПЛАВИ полето, го поплавува.

Инаку, придавката ПЛАВ (плава, плаво) не е наша ниту пак ПЛАОШНИК можел врз таа основа да го добие своето име. СИНО (сина, син) е нашиот збор. Имаме цвеќе – СИНОЛИЧКА. Така се вика онаа горската темјанушка, затоа што има сина боја. Има и друго полско растение кое се вика СИНЧЕЦ, затоа што има сини цветови.

Но ете… тоа сме ние.

Благоја Ивчески

Loading