ГЛУМЦИТЕ ПЕАТ ПО КРЛЕ

Бранко Брезовец, режисер на “Антица”

Од овде до Виена моментно нема таква актерска енергија како во прилепскиот театар


Вечерва на сцената на прилепскиот театар во 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата “Антица” по Ристо Крле, во режија на Бранко Брезовец. Хрватскиот режисер првпат работи со прилепскиот ансамбл.

Зошто Антица и што ќе понудите?

– Ги сакам македонските битови драми. Имаат одредена доза на наивност, некоја мелодрамска нота. Но, имаат и доза на трагедија, која некако ја снемува кон крајот на 19 век. Во Македонија сепак останала.

Тоа е трагедија после Артур Милер, која трае. Ристо Крле е современик на Милер. Се работи за претстава работена по предлошката на текстот од Крле, битова драма. Кај Крле трагедијата има свое значење. Мене тоа ми беше интересно. Многу ми е жал кога македонските режисери ги иронизираат, не ги почитуваат битовите драми. Антица е многу автентична. Тоа беше причината да ја работам. Во неа имате сé: Македонци, Гркомани, Арнаути, кои се дружат едни со други. Тоа е македонската историја. Заедничка, многу широка. Се обидов да составам актуелна и интересна целина. Говори за сé она што ви се случува со проблемот со Грција, но застапено е прашањето за идентитетот, што е многу возбудливо да се гледа. Тоа го има во претставата. Но, има и други низа теми со кои занимаваме, со различни аспекти, со љубовта. Повеќе од 25 години сум тука и ми се познати одредени состојби. Антица е мој поглед и на авторот на музиката Марјан Неќак. Обработуваме темелни прашања за земјата. Добро е уметнички, некој од надвор, како мене, да го покаже својот став, мислење, видување. Антица е интересна, оти е богата со емоции, полни со мелодрамски приказни, кои се случуваат насекаде, не само во Македонија.

Каква претстава ќе види публиката?

Максимално ангажирана претстава во која се пее музиката на Неќак. Хибриден жанр, меѓу опера, оперета, мјузикл. Драма во некоја брехтовска смисла. Со Марјан го работиме тоа веќе десет години, од “Печалбари”, па наваму. Публиката ќе види многу музика. Целиот ансамбл час ипол пее, танцува, што не е лесно. Потребно е да се издржи со целата енергија. Темите ќе ја разгалат публиката, со музиката, танцот, како и со емоционалната глума. Се надевам дека ќе успееме во намерата, оти битовите драми не се нешто што припаѓа на минатото.

Дали тоа ќе е претстава со многу симболи?

Сакам да се занимавам со распад на симболите, отколку да ги составувам. Сум против идеологијата која човекот многу сериозно ја прифаќа. Не сакам мешани работи. Сакам емотивност, која ќе се постигне со музиката на Марјан Неќак, кој многу работи. Секоја година по една опера. Тоа некој треба да го канализира, да го реализира. “Антица” ќе биде емотивно силна претстава. Една од најемотивните, благодарение на ансамблот кој е неверојатен. Го видов со “Тапани во ноќта” пред три години. Тогаш сватив дека тука треба да режирам. Преку ансамблот, емоциите ќе бидат пренесени. Претставата е колективна игра. Саати, саати пробувавме, максимално концентрирани. Ќе биде вредно театарско остварување.

Од ова се наметнува и прашањето за соработката со прилепскиот театар?

Неверојатен е ансамблот. Секоја им чест на актерите. Тие играат, пеат, танцуваат, со голема енергија. Таква енергија во Македонија не сум видел од пред 25 години, иако има одлични актери. Од овде до Виена, ја нема таа енергија, како во театарот прилепски. Само треба да се опреми технички.

Компактна екипа во ,, Антица,,

Во реализацијата на претставата вклучена е компактна екипа. Музиката е на Марјан Неќак. Кореографијата е на Кире Миладиноски.

Сценографијата е од фундусот на театарот, во изборот на костимите помогна Сузана Брезовец.

Во претставата играат Викторија Степановска, Милан Секулоски, Марија Спиркоска – Илијески, Сузана Брезовец, Андон Јованоски, Трајче Иваноски, Најдо Тодески, Виолета Чакарова, Игор Трпчески, Марјан Чакмакоски, Димко Вандески, Александар Степанулески, Наташа Наумоска, Катерина Чакмакоска, Димитрина Мицкоска, Владимир Ѓорѓијоски, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески, Зоран Иваноски, Димитар Црцороски , Никола Настоски, Петар Горко.

Loading