ЈАТРВИ ТЕРААТ СВЕКРВИНИ АДЕТИ

Четири снаи како еден цвет во еден двор

Полно разбирање кај Ризески и Игески

Заедничкото готвење и чистење релаксира

Четири јатрви во еден двор на Марксова. Јато од невести за кои се вели дека не знаат под која стреа ново гнездо ќе свијат кога ќе “поженственат”. Четвртата неодамна се отселила во сопствена куќа, на истата улица. Едната е Панда Ризески, 68 години. Сопруга е на Блаже. Од селото Селце, Крушевско. Заедно со јатрвата Ленче на младоста работеле во Микрон. Блиску се генерациски. Мица била во Црн бор заедно со сопругот. А, најмалата Маре била шнајдерка во Ридтекс. Двете прилепчанки, а едната од Коњари. Не поминала крштевка, свадба без присуство на мнозината, за арно, и за лошо тука сме. Се чудат на слогата. Сме минале многу, заедно. И децата се сложуваат. Полна е куќата луѓе. Светли сме во срцата – вели најстарата Панда Ризеска.

Бегалка кај Ризевци

Сите ги познаваат. Гостопримливи и муабетчивки. Имаат поддршка од машкиот пол во фамилијата. Блаже, Душан, Перо и Методија се “основата” за разбирање меѓу јатрвите. Презимињата им се различни. Двајцата од браќата се Игески, а двајца Ризески, по дедото или прадедото. Дојдов бегалка, млада, убава. Бев прва снаа во куќата на Ризовци. На трето видување и земање. Сопругот фрли око, кога ме виде, аргатинка кај чичко ми. Втората средба беше на игранка в монопол и на втор ден Божик го пречекорив прагот во новиот дом. Изненаденост, но и радост се чувствуваше кај свекорот и свекрвата. Ме пречекаат со ѓум со три литри топла ракија. Од свекорот добив 500 динари, а од свекрвата алтанче за децата. Цела ноќ се славеше. Како сега се сеќавам, свекор ми пееше, “Вака се сади пиперот…” Како прва снаа, почитував сé. Станував рано, подготвував за поткаснување за сите, чистев чевли, палтата им ги прикрепував додека ги облечат деверите. Така ги испраќав кој на училиште, кој на работа, а потоа се оддавав низ куќа. Рачно месев леб. На рамо, на штица, наредени пет-шест леба ги носев до фурната кај Гимназијата. Следеше рачно перење во корито со самоварен сапун и постојано движење низ дворот, зашто чешмата беше таму. Кога се врати од војска деверот, за брзо донесе јатрва и малку се порелаксирав. Си помагавме, распоредувајќи ги обврските – се сеќава Панда Ризеска.

Четири раце, за еден ум

Ако треба да се чисти, чистат, ако треба да се готви, готват. Заедно ја прават и зимницата. Четирите раце се како една, кога е во прашање честа на семејството. Корите, резанците за супа, тараната на дремон правена, месениците се наши специјалитети. Вкусно е свежото месо од прасе и пржените џигери. Прсти да излижеш во женско друштво – велат јатрвите Панда и Мица. Многу научиле од свекорот и свекрвата, кои им го оставиле домаќинлакот. Од нив стекнавме ука. Не е само готвењето. Треба да се знае и да пречека гостин. Што велат, и “татлија” да направиш. Ако не знаеш да пречекаш, џабе е трудот. Бараа многу работа, да се почитуваат адетите и трдицијата – велат домаќинките. Поговорката вели “Сложни браќа – куќа градат”. Изградиле пријателство и јатрвите. Не им било лесно. Разни табиети и тертипи, разни адети од каде дошле. Ги поддувнувало секакво ветре. Само успешно одолевале на страшните бури, кои може да покосат и да направат граници во фамилиите. Сите Ризоски јатрви ги прифатиле обичаите од свекрвата да имаат слога и почит и од мажите, и од целата фамилија. Тоа помогнало во креирање на специјални јадења, својствени во фамилијата. Нивните деца ги подржуваат, внуците “пијат” од искуството. Заедно сите уживаат во слободата, во радосните средби. Виделе и научиле многу во животот Панде, Ленче, Мица, Маре, ризоските четири јатрви.

Loading