СРАМ ДА ВИ Е

Од Могилата на непобедените го слушам повикот на мојот татко: “Кажи им – срам да им е” Ти ветувам, ќе им кажам.

Деновиве од јавните гласила дознавме дека СДСМ ќе организирал Народен Собир во Прилеп на националниот празник 11 Октомври. Сигурно во тоа тие гледаат некоја симболика, но симболика во нивни стил – со повеќедецениско кривогледство. Кај луѓето кои вистински ја сакаат земјата, за националните празници постои длабока национална мистика, што кај некои очигледно ја нема. Се мајтапат за значајните датуми од македонската историја. Просто го гонат пристојниот човек во одбрана на сé што е свето во оваа земја. Потсетувам, во спротивставените земји Израел и Палестина, оружје мирува обострано при државни празници. Непријателот знае да го почитува државниот празник на непријателот. И боречката организација не остана нема на скандалозниот собир на СДСМ, со кој е поразена токму светлата страна на македонското битисување. Тоа значи инструментализирање на народната борба на македонскиот народ и паднатите борци. Националниот празник е празник на обединување, љубов и почит кон државата. Не можам да се изначудам какви мазохисти ќе сме. Толкав мазохизам, на толку мал простор. Ова ќе претставува најнов и досега невиден во светот и неиспробан тип на државен удар, а со тоа и кривично дело од познат сторител. Тешко може да се трансформира свеста, која со децении не била употребувана. Каков циркус прават пред да го постават шаторот. Секој, кој ќе излезе на тој собир, се декларира како непријател на револуцијата и без основна почит кон паднатите борци. Да потсетам, Јуда се обесил, сознавајќи го гревот со предавството на Исус. Со каква ниска стратегија се служат. Можно е да заринкаат уште подлабоко во националното единство на Македонецот. Сé уште, за нив, патриотизмот претставува антихуманизам. Ваквата празнична постапка е веќе злоупотреба на трпеливоста на овој народ, од оние кои се сметаат, за генетски подредени, вечно да владеат. Ако не се на власт, нема да ги има ниту државните празници, ниту државата. Се надевам дека на Денот на револуционерното востание на македонскиот народ заедно со моите колеги, советници од СДСМ ќе положиме цвеќе на Могилата на непобедените, но за вечерното нивно шоу, ќе се разделиме. Тоа веќе преминува во колпортерска психологија. По изјавата на градоначалникот Марјан Ристески дека ќе им дозволи да го одржат собирот и нивниот арогантен одговор дека собирот ќе се одржи независно дали тој дозволил или не, би те потсетил: Да не беше Бранко Црвенкоски комунист и атеист ќе знаеше од Библијата дека надменоста и претходи на падот. Колективното самоволие не е демократија. Ништо не е нечесно, ако целта е чесна. Во случајов не се совпаѓаат чесноста со целта.

Проф. д-р Благоја Дамески

член на Советот на Општина Прилеп

Loading