МЕСТО ЗА ЛАПЕ КАЈ СЛАВНИТЕ ПРИЛЕПЧАНИ

Сто години од раѓањето и 25 години од смртта на академик ЉУБЕН ЛАПЕ (1910 – 1985)

На 11 Октомври пред 100 години во Прилеп се родил македонскиот Херодот, таткото на македонската историска наука, професор по историја, педагог, научник, академик Љубен Лапе. Фактот што е роден на светлиот датум на прилепската и македонска историја, навестува дека целиот живот го посветил на македонската историска наука. Се родил во старата куќа на ул. Марксова бр.78, на која стои спомен – плоча, поставена на иницијатива на Друштвото за наука и уметност пред 20 години за 80 години од раѓањето. Лапе, од 1971 година па се до смртта, е почесен член еминентното друштво. Малкумина, освен повозрасните, го познаваат историографското дело. Немаа “чест” да им биде професор, но студирајќи на Филозофскиот факултет – во Скопје – Институт за историја, чиј еден од основачите е и професорот Лапе, иако е починат, педагошкиот и воспитувачки дух се чувствува присутен и кај колегите, професори и кај постарите студенти. Станува збор за голем педагог, историограф и научник кој ја обработува историјата на македонскиот народ, особено периодот на Македонија под турска власт. Тој дава голем придонес за развојот на историската наука. На овој “славен” прилепчанец секако дека местото му е на “Патеката на славните”, спомен-обележје, неодамна подигнато, а посветено на прилепчани кои одиграле значајна улога за Македонија и во областа на литературата, уметноста, музиката и актерството. Локалната самоуправа најсериозно треба да смета, поради неговото големо дело, и да го пореди кај славните прилепчани. Во 1977 година, тој го доби највисокото општинско признание за животно дело, наградата 9 Септември (денес, наградата 3 Ноември). Добил и републички награди од областа на културата, уметноста, науката и образованието, како, наградите 11 Октомври, Гоце Делчев Климент Охридски и други најразлични признанија и ордени, што се верификација на високите достигнувања. Во 1974 година станал и член на МАНУ. Стогодишнината од раѓањето и 25 – годишнината од смртта е добар повод за потсет за неговото дело. Лапе и припаѓал на предвоената борбена македонска интелегенција, која активно се борела за политичка слобода и национални права на македонскиот народ. Бил школуван во Прилеп, Битола и Белград, каде ги завршил студиите по историја. Се вработил во Подгоричката гимназија од каде по започнувањето на априлската војна во 1941 година, се вратил во Македонија. За бугарската окупација бил професор во Струмица, од каде заради напредните идеи и соработката со движењето, најпрво бил преместен во Панаѓуриште, Бугарија, а во 1943 година бил одведен во логорот Чучулигово. По ослободувањето, раководел со просветата во Битолската област. Потоа бил помошник на повереникот за просвета на Македонија, Димче Мире. Ја изработил првата програма за историјата на македонскиот народ во гимназиите. Бил еден е од основачите на Филозофскиот факултет, Педагошката академија, Институтот за национална историја, Архивот, Друштвото на историчари на Македонија. Голем е придонесот за излегувањето на историографски списанија. Станал основоположник на современата македонска историографија, музеологија и архивистика. Автор е на над 230 библиографски единици, научни и стручни трудови, посветени на историјата на македонскиот народ. Научен интерес му биле ослободителното движење од ЏВИИИ – ЏЏ век, формирањето и дејноста на македонската револуционерна организација, странските пропаганди во Македонија, Илинденското востание и Крушевската Република. Бил еден е од авторите на тритомната “Историја на македонскиот народ” и “Спомените на Ѓорче Петров”, публикувани со негов вовед, коментар и редактура. Пишувал и за “Животниот пат и делото на Пере Тошев”. Го осветлил ликот на Даме Груев. Пишувал и за Гоце Делчев, Крсте Петков – Мисирков, Димитар Поп Георгиев – Беровски, Дончо Штипјанчето, Тодор Кусев, Марко Цепенков, Кочо Рацин и други дејци од македонската историја. Коавтор е на неколку учебници по историја. Учествувал и во подготовката на книгите за историјата на Прилеп. Штедејќи парични средства, оставил аманет по неговата смрт, да се основа “Фонд Љубен Лапе”, наменет за студенти, материјално необезбедени, но солидни во студирање со интерес за изучување на историјата на македонскиот народ. Починал во Скопје на 24 ноември 1985 година.

 

Рубин Белчески

историчар

Loading