ЗА ПРЕВЕДУВАЊЕТО

Преведувањето е сериозна и одговорна работа. Преведувачот треба беспрекорно да го знае јазикот од кој преведува, но треба беспрекорно да го знае и својот јазик, јазикот на кој преведува. Преведувањето не треба да биде рутинска работа – од едната страна текстот, а од другата тастатурата. Во нашиве весници веднаш се препознаваат текстовите преземени и преведени од други весници, од други јазици. На последната страница на еден наш дневен весник редовно излегуваат по неколку анегдоти. Во еден од последните броеви една реченица гласи – “Еј, деца, преку пат ќе се гради јавна куќа”. Веднаш се препознава погрешниот, буквален превод. ПРЕКО ПУТА на српски не значи ПРЕКУ ПАТОТ. Тоа значи – ОТСПРОТИВА, народски кажано – ОТКАРШИЈА. И ете, преведувачот, наместо – ОТСПРОТИВА ќе се гради јавна куќа, тој вели дека ќе се градела ПРЕКУ ПАТ. Србите велат – “Ја живим ПРЕКО ПУТА”, но тоа не значи ПРЕКУ пат, туку отспротива. Ова не потсети на едно поодамнешно време кога во прилепскиот театар се играше една пиеса од српски автор. Преведувачот – наш познат и признат писател. Во пиесата еден од ликовите имаше една реплика која на српски гласеше – “Ауто ми је ПРЕКО ПУТА банке”. Преведувачот тоа го превел – “Колата ми е ПРЕКУ ПАТОТ на банката”. Направена е голема грешка, слична на онаа од анегдотата. Инсистиравме пред колегите и пред режисерот тоа да се поправи, зашто вака е нелогично. Настојувавме тоа да гласи – “Колата ми е СПРОТИ банката”. Тешко одеше. Сите мислеа дека не може преведувачот (авторитетен писател) да не знае, а таму некој едикојси да знае. Ги уверувавме дека просторот меѓу колата и банката не мора да е пат. Може да биде булевар, може и плоштад. Србите пак би рекле ПРЕКО ПУТА. А ние никогаш не би рекле ПРЕКУ ПАТОТ на булеварот или колата ми е ПРЕКУ ПЛОШТАДОТ на банката. Успеавме некако. Го поправивме текстот.

Во истата пиеса имаше и еден друг буквален и бесмислен превод. Дијалогот на српски гласеше:

– Јеси јој све рекао?

– Јесам!

– Ниси!

– Јесам!

– Ниси!

Преведувачот го превел тоа вака:

– И рече ли сé?

– Сум!

– Не си!

– Сум!

– Не си!

Ваков резултат се добива со буквален превод. Со она, како што рековме, од едната страна текстот – од другата тастатурата. Без да се размисли. Без да се побара смислата на она што се преведува. Без да се најде вистинското значење.

Правилниот превод би гласел:

– И рече ли сé?

– И реков!

– Не си í рекол!

– И реков!

– Не си í рекол!

На ваков начин дијалогот станува јасен, конкретен, разбирлив. Но, за да стане таков, сепак имаше извесен отпор. Не толку голем, како оној за ПРЕКУ ПАТОТ на банката, но сепак имаше. Да го споменеме уште еднаш весникот со анегдотите. Таму многу често главни јунаци се Мујо, Хасо и Фата. Апсурд. Ние немаме ништо заедничко со нив.

Благоја Ивчески

Loading