ПИТАЧИ И КОНТЕЈНЕРИ

Без пари до духовна храна и обратно… 

 

Не е ретка шуркање по контејнери за ѓубре во скудниве времиња. Жената на фотографијата ја помина “низ сито” големата канта за смет на тркала. Велат дека обично се најдува по нешто корисно или за продавање. Пластика, картони, текстил, собрани од неколку контејнери, ќе излезе барем лепче, ако се однесат на отпад. Има еден дедо со шапка и долга брада. Изгледа како “старинар”. Животот го однел до просјачки стап. Лик на филозоф. Човекот се срами да крени глава, да погледне во животот. Ќе присобери денар, колку за храна и оди. Можеби треба некој хуманист да го потсети дека денес има згрижувачки институции. Може има дом. Можеби има друга мака – пиење, недостиг на чувство за хигиена, предвремено откажување од животот… Сé има, и сé нема. Има и богати и сиромашни. И питачи со подадена рака седнати на плочникот. И такви на кои трпезите им се празни и се борат во животот. Но, и со полни стомаци, а без духовна храна. Неколку жени питачат, молат за некој денар на плочникот. Се радуваат, ако некој им даде нешто за јадење. Други се неблагодарни. Постара жена питачи подолго време кај Меморијанлинот музеј – 11 Октомври. Не била одтука. Потекнувала од зафатена фамилија. Ете, судбината ја донела до питачки стап.

Мермерните плочки ги “топли”, скрстена на скутина. Во роба, забрадена со шамија, знае што е седењето на камен на стари години. Се предала на стихијата и рамнодушноста. Дискретна е. Вели дека минала многу, видела, и научила. Не сака да í се чепка, да í се разоткрива суровиот “пат на бедата”. И така и е доволно од “горчливиот вкус на животот”. Има конкуренција меѓу подадените раце. Се разбркуваат едни со други. Посебно не им даваат на децата да им го фатат местото, зашто кон нив милоста е поголема. А тие пак, итри. Лепче, цигарче и пари бараат од муштерии, од газдите по продавници за брза храна, по сендвичарници, рестораните, кафетериите… За некои не важи “гладна кокошка, просо сонила”. Две – три деца трчаат и се вртат, како елемија, околу висок човек . Тој им даде две литри благо млеко и замина. Впечатокот е дека тоа го прави постојано во истото време. Се радуваат децата, се туткаат во младата жена. Место фаќа од рани утрини збрчкано испиено лице на старицата. Цел ден седи подвиткана на картон. Можеби инстиктот за домаќинка во неа, мајка, баба, или едноставно за спас на својата кожа зиме – лете , и кога врне и кога вее, на мокар картон седи и чека некој да се смилува и да и фрли некое париче. Ретко моли за милост со збор. Пита и скита само со поглед. Куп просјаци за празници по црковните дворови, по гробиштата. Некој ги брка и ги ги прекорува, некој од милост или сугестија дека ете можеби оној гладниот ќе касне и ќе му даде душа на мртвиот, па им дава нешто. Инвалиди, здрави, бебиња, дечиња, млади, старци крај мостови, по плочници, по инстиутуции… Хуманост, сожалување или “настраност”… “Грам ум и широко поле, пространа гора со дивеч и дрвја”, може да ги тргне фамилиите од депониите, да ја сметне “дечурланата” од јазењето и “пикањето” по металните контењери.

Loading