ПЛАНТАЖА СО 200 ДЕКАРИ ТУТУН НА НИЧЕ НАУМОСКИ

Кај селото Дупјачани

Рипна раката на аргатите на сто денари саат

 

Ако некогаш се садело по декар, два до три тутун, годинава државната стимулација од евро за килограм тутун ги “запали” прилепчани да ги засучат ракавите, па и да направат плантажи со тутун. Така Ниче Наумоски од Дупјачани засадил рамно 200 декари тутун. Народски кажано, тутун, колку што некогаш одгледувале седум-осумдесет фамилии. Иако има само 42 години, има “плеќи”. Поточно смелост и подготвеност, сета расположива механизација да ја стави во погон и постојано да ангажира и плаќа луѓе за работа. Од обработливите 200 декари тутун, во селотото Дупјачани се 130 декари. Практично станува збор за плантажно, планско производство.

Мали, но квалитетни приноси без вода

Берењето е рачно, со аргати. После се става во касети и се ниже машински. Проблемот е што многу луѓе насадија и порасна надницата на аргатите, А и ги нема доволно, иако се платени по 30 денари од низа, односно берење и ставање на тутунот во касети. Некои бараат на саат по околу сто денари. Ист е есапот – објаснува Ниче Наумоски. Очекувањата на тутунарите се големи. Првите берби беа лоши, оти беше многу врнежливо. Сега е добро. Убаво е, ако вака подржи времето. Има уште тутун за собирање Речиси сум на половина – вели Нически. Приносите се од 160-180 килограми од декар, ако се собере цел. Располага со доволно простор за сушење. Со три евра за килограм и со уште по едно евро од државата, тој тврди дека не се исплати маката. Малку е три евра за килограм. Овде не е како со хидросистем. Приносите се помали, оти нема наводнување, макар што квалитетот е повисок. Садењето со машина в село дозволува максимум да се засадат 11 илјади стракови на декар. Тоа е малку и не се исплати, особено кога се работи со аргати. Од семка в земја потребни се 60 дена за леи, сé со аргати. Засадување 30-40 дена, пак со аргати. Потоа 100 дена берба, со 100 денари сатница. И сето тоа да се собере во три евра килограм. Не оди по стартната цена, во договорите со Тутунски и со Сокомак. Откупната цена треба да не биде под 240 денари. А премијата, ако ја даде државата, да е плус. Не ја есапам државната поддршка, оти не сум сигурен – вели Наумоски. Во производството на тутунот се вклучени со сопругата Весна. Помагаат и синот, и ќерката. Лани произведов 18 тони од типот “басмак”. И на крајот Сокомак не зеде 5 тони. Го дадов за тип “Прилеп” и загубив пет илјади евра – се жали тој.

Без поддршка за развој

Иако вели дека не се исплати тутунот, сепак е оптимист. Се надеваме на подобри денови. Да се изретчат тутунарите, и да останат само вистинските, кои од него живеат – вели тој. Се жали што нема со кого да се консултира за унапредување на производството. Банките не даваат кредити за тутун, а за систем “капка по капка” се потребни многу средства. Да имаме 18 000 стракови во декар, кои би се наводнувале, ќе добијам до 250-300 килограми на декар. Ќе штедам на ѓубре, орање, садење. Сегашните ефекти ќе ги постигнам со сто декари – пресметува Наумоски. И покрај тоа што државата субвенционира по 50 отсто во набавка на опрема за развој на земјоделството, според него, проблемот е што тутунот не е заштитен од државата. Финансираат земјоделски машини, а не систем за наводнување, учество во дупчење на бунар, кој само за еден чини најмалку две илјади евра. За тоа не сум слушнал дека има поддршка, а би било добро, макар што и тоа има слабости како што е прскање и поголема можност од заболувања. Згора, класите ќе бидат малку пониски – објаснува тутунарот од Дупјачани. Како и да е, според оценката на фармерскиот производител на тутун Наумоски, само цена од 240 денари е реална и стимулативна за производството. Смета дека државата треба да застане за тутунарите и да ги стегне откупувачите да ја кренат цената.

Loading