ШТАВИЧАНИ НА РОДНОТО ОГНИШТЕ

За раѓањето на Пресвета Богородица

Осум домаќин собраа три илјади гости на селскиот празник 

Се завија оро мариовско со пискотот на гајдата 

 

Ден празник, ем сончев, ем весел, 21 септември, денот кога црквата го слави раѓањето на мајката Божја, Пресвета Богородица. Тоа е можност штавичани да се соберат на родното огниште. Плева народ го наваса најфилмското село – Штавица кое од некогашните неколку стотици жители сега има само грст куќи со луѓе. А на денот на славата, повторно џагор го исполни селото, екна музика, се разви оро во дворот на црквата Пресвате Богородица. Димани прашина се крена по џадето од бројните автомобили, развражани насмеани лица кои се поздравуваат… Вообичаено славењето на денот започнува со свечена црковна литургија, со славски леб и запалена свеќа за присет за починатите, свеќа за здравје и бериќет за живите. А после како што е редот тропна лажицата, се омрсија мустаќите од јавнијата, се разлади душата со пиво… Домаќините го одврзале ќесето и таман го натокмиле асталот. Откако лани домаќин на денот беше градоначалникот Марјан Ристески, со неколкумина прилепчани кои корен влечат од Штавица, годинава меѓу домаќините беше и Златко Ристески, директор на ЈКП “Комуналец”. Чест и задоволство е да се биде домаќин, сите ги поканивме. Има уште толку кои треба да дојдат – вели Златко Ристески, директор на ЈКП “Комуналец”. Вработените на комуналното претпријатие, како што знаат за “в ред” да го стават и исчистат градот, така небаре оси, трчаат и “дворат” во трпезаријата со ниет сите гости да се задоволни…

Оро се зави во црковниот двор 

Вредниот домаќин го бива ем за на софра, ем за на оро. Овој ден значи заживување на Штавица. Се собравме годинава осум домаќини. Дадовме сите по 250 евра. Подготвивме јавнија за 2 000 гости, обезбедивме 2 000 шишиња пиво, сок, 500 шишиња по литарипол сок, кисела вода, вина. И музика и оро за цела Македонија да гледа како знаат и умеат да направат штавичани општонароден собир. Ќе се врати животот. Штавица ќе добие и асфалтен пат низ селото – вели Миленко Трајкоски, еден од домаќините и претседател на црковниот одбор. Домаќинлак кажаа и Роберт Јолески, Тони Мицески од Метал Инженеринг, Гоце Трајкоски, Миле Велески и уште двајца, а за догодина се пријавиле Цане Чапрагоски, Дарко Стојкоски и Влатко Мицески.

Средбата буди спомени 

Денот е шанса да се видат и поздрават раселните штавичани, да зборнат кој е и каде е, што му прават децата. Па дури и да се присетат или видат со учителот Невен и други… Да се посети дедовиот гроб, да се шурни по изгаснетото огниште, од кое налеваат солзи. Првата година кога бев невеста, чекавме многу гости, тепсии со печени прасиња се јадеа. По ручекот со душа чекав да излезам “сред село”. Сите се иселени. Нема кој гости да чека. Заминавме пред 25 години. Децата завршија, имаат работа в град. Иако е пусто селото, сето со урнати камени куќи, убаво е еднаш годишно да се собереме – вели Кита Јолески, 73 години. Нејзиниот син Оливер, роден штавичанец се сеќава на детството. Заживеа славењето последниве две години, откако домаќин беше градоначалникот Ристески. Со собирање, ќе заживее селото и народот ќе го памети доаѓањето во селото за празникот. Паметам, празникот се славеше, но немаше многу народ – вели Оливер Јолески. Има верба за враќање на животот во Штавица, да заживее како некогаш. Локалната самоуправа ветува да го подобри животот. Бевме на гости кај внук ми, Робе Свирачо. Порано имаше 80 куќи. Многу убаво беше, со ора со песни – вели Слободанка Митреска. Кога си во Штавица, не треба да береш гајле зошто штавичани се добри луѓе. Таков е и Орде Стојкоски, заминат од 1962 година. Полн со душа и широко срце, враќа в град добронамерници кои за сведенот дошле во неговото село. Па така и екипата на Зенит слезе в град со неговиот автомобил. По патот слушнавме уште некој убав збор за општонародниот собир, за денот кога штавичани се враќаат на родната грутка.

Loading