ЧЕВЕЛОТ ДА НЕ УДРИ

Во Парламентот постојат повеќе комисии. Повеќе пати сме гледале директно или снимка од нивната работа. Една од нив е Комисијата за избор и именување, како таква ја слушаме од пратениците. Не сме имале можност да видиме некој официјален документ, како се вика точно. Ако е онака како што ја слушаме од пратениците – Комисија за избор и именување, тогаш тоа е погрешно. Треба да биде Комисија за избор и НАИМЕНУВАЊЕ, а не ИМЕНУВАЊЕ. ИМЕНУВАЊЕ и НАИМЕНУВАЊЕ не е исто. Сме слушнале кога некој од пратениците ќе рече дека немал намера да реплицира, но сега е принуден, бидејќи било спомнато неговото име. Тој може да рече дека бил ИМЕНУВАН. Токму тоа значи тој збор. ИМЕНУВАН е некој кога ќе му се спомене името. А НАИМЕНУВАН значи назначен. Некои функционери се избираат, а некои се НАИМЕНУВААТ, се назначуваат. Тој и тој е НАИМЕНУВАН за амбасадор во таа и таа земја. НАИМЕНУВАН (назначен), може да биде и друг функционер, НАИМЕНУВАН од повисок орган. Според тоа, Комисијата треба да биде за избор и НАИМЕНУВАЊЕ. Ако навистина во Парламентот таа гласи како Комисија за избор и ИМЕНУВАЊЕ, тогаш грешката е многу голема.

А големи грешки читаме и слушаме постојано. Еве, сега слушнавме на Македонското радио, во пладневниот весник, дека Папандреу бил гаѓан со ЧЕВЛА. Ова не потсети на едно детенце кое слушнало за именката ОПИНЦИ, па едниот опиник го викаше ОПИНЦА. Значи, двете се ОПИНЦИ, а едната е ОПИНЦА. За детенцето е оправдано, дури и симпатично звучи, но новинар на официјален медиум да вели ЧЕВЛА наместо ЧЕВЕЛ, не само што е чудно, туку е и невкусно и недопустливо. Зар тој новинар не слушнал за зборот ЧЕВЕЛ, па повеќепати повторува ЧЕВЛА, па ЧЕВЛА. Заслужува да биде на местото на Папандреу.

Многупати сме слушале да се зборува за тоа дека во нашиве градови, особено во Скопје има многу ПИТАЧИ. Дека има многу родители кои ги принудуваат своите деца да станат ПИТАЧИ. Ова е социјален проблем кој треба да биде разгледуван и решаван на други нивоа. Нé интересира, зошто новинарите појавата ја нарекуваат ПИТАЧЕЊЕ, а не ПИТАЊЕ. За овој проблем сме слушале од повеќе медиуми и грешката, речиси секаде се повторува.

Именката ПИТАЧ е добиена од глаголот – ПИТА (тој пита). А новинарите велат дека децата ПИТАЧАТ. Штом некој ПИТА, значи дека е ПИТАЧ. Исто како тој што ЧИТА е ЧИТАЧ, тој што СКИТА е СКИТАЧ. Глаголските именки се ПИТАЊЕ, ЧИТАЊЕ и СКИТАЊЕ, а не ПИТАЧЕЊЕ, ЧИТАЧЕЊЕ и СКИТАЧЕЊЕ.

Ако мислат новинарите дека глаголот не е ПИТА, туку ПИТАЧИ, тогаш именката би гласела ПИТАЧАР, а не ПИТАЧ. Но тоа не е така и не треба да биде така. Едноставно – питачот ПИТА, а дејството е ПИТАЊЕ.

И една друга грешка постојано се провлекува. Слушаме – ОВОГОДИНЕШНА реколта, ОВОГОДИНЕШНИ резултати и така натаму. Ако станува збор за реколта од оваа година, тоа ќе биде или ГОДИНАШНА, или ОВОГОДИШНА. Истото се однесува и на резултатите – ГОДИНАШНИ или ОВОГОДИШНИ. А ако се годинашни нема потреба да се вели ОВОГОДИНЕШНИ. Штом се ГОДИНЕШНИ се знае дека се однесуваат на оваа година. А ако се рече ОВОГОДИШНИ, тогаш нема потреба да се вели ОВОГОДИНАШНИ.

Накусо – не ОВОГОДИНЕШНИ, туку ГОДИНАШНИ или ОВОГОДИШНИ.

 

Благоја Ивчески