УЧЕЊЕТО Е НАЈВАЖНА СПОРЕДНА РАБОТА

Од косо видено

“Знаењето е сила, знаењето е моќ- учете деца по цел ден и ноќ. “Замајовно-бессона парола која, на прилепските деца им ги распрснува мечтите и животните идеали. Судба е тоа, сограѓани!

Школувањето на почетокот е задолжително. Потоа, малку насочено. И на крајот, сосема неизвесно. Затоа ли – за фудбалерите, пејачите и профитерите – училиштето е најважното споредно нешто на светот? Тоа споредно нешто, во септември, оценува дека децата на предшколска возраст ништо не знаат и се неписмени. Ништо страшно во ова време на господарење на незнаењето. Застапниците кога се делат со себе како нула, подолго живеат. Уште подолго кога, како неписмени, не може нешто лошо да им се пишува. Но, некои татковци изумуваат да им го дешифрираат на своите деца. Па, тие, да докажат дека не се неписмени, со знаење себе се “отепуваат” во ловот на петки- “зверки ептен ретки”. Навистина, научуваат и дека аглите можат да бидат остроумни и тапоглави. Но, бесполезно кога несватиле дека се однесуваат на Берумудскиот триаголник на животното море. Оние другите деца, остроумно-фудбалерски неучат многу, штедејќи се за второто, поважно, полувреме од животот. Во мнозинство се и, во танкер-демократија, победоносно ќе пловат по морето на незнаењето. Превентивно, петкашите торпедно ќе ги нишанат со закон за задолжително средно образование и незадолжително вработување.

Нишанетите и заморени, од учење, среднисти се “докусуруваат” со десетки при студирањето на факултет. Пак, сега како бруцоши, тапоглаво прочитале во студентската скрипта: “Малку знаење-опасно нешто. “Со натрупувањето “тули” од семестри им испарува тапоглавоста, удирајќи во ѕидот на кој пишува: “Учи, учи, постојано учи и никогаш невработи се.”Им ја кондензира зависта спрема професорите на она што го имаат, а не што го знаат. Им смрзнува кога дипломирани, сепак, ги вработуваат бизнисмените- синови на нивната остроумна генерација. Им се топи мразот кога неможат да ги платат сметките за греење. И бермудски пропаѓаат како авторитети во семејството. Но, не сите.

Некои високообразовни за спас од тапоглавата судба се крстат во партијата на власт. Со политиката модифицираат во лукаво-остроумни агли на Бермудскиот триаголник. Го прелетуваат распојасени на владино-парламентарниот спасувачки килим и ликуваат:”Ние го знаеме коридорот за подобрата иднина, но поќарливи сме да не се упатиме таму”. Долу, во неговата сенка, бессоните првачиња плачливо се загледале во килимот, расфрлен ваму-таму од невремето на плуралното општество. Нивните татковци,тапоглави аскети, со подигнати раце кон килимот, молбено реплицираат:” Во името на овие деца плукнете и завртете го листот со баталено знаење. Летајте, не кон Бермудите, туку кон ЕУ. Во неа, развојно – инвентивните општества знаењето го третираат како одлучувачки ресурс. Бидејќи знаењето во големи дози лекува, во мали-убива.”

Додека пишувам во дворот, комшијата, професор по хемија во пензија, катализаторски ми шепоти:”Дете, со кондензацијата си на моја област. Во ‘Зенит’ пренеси мое стручно мислење.”Го замолувам да ми прости ако главниот и одговорен уредник тоа го цензурира. Тој, мафтајќи со бастунот, грми:”Пренеси му и мој поздрав! И нема трте-мрте! Учењето стана лук и вода, дустабанлиите во мозокот си станаа газди. 

 

Марјан Спиркоски

Loading