ПРИЛЕП БУИ СО МЛАДИ ЛИДЕРИ

Македонски интелектуалци собрани во Охрид

Четворица прилепчани беа дел од групата од 30 млади интелектуалци кои од 15 до 27 август во Охрид, учествуваа на обуката за млади лидери под мотото: “Преземи водство за Македонија”, под покровителство на Претседателот на Република Македонија – професорот Д-р Ѓорѓе Иванов. Орде Ѓорѓиоски, Виктор Ѓорѓиески, Зоран Јорданоски и Александар Ѓуроски се младите од Прилеп кои одлично, образовно потковани стекнаа дополнителни вештини за лидери во своите области. Тие достојно се презентираа себеси и организациите и институциите каде работат, Орде Ѓорѓиоски во “Витаминка”, Виктор Ѓорѓиески во “Сивус” Скопје, Зоран Јорданоски во Министерство за транспорт и врски и Александар Ѓуроски во Центар за развој на пелагонискиот плански регион.

 Младите интелектуалци ги освоија речиси сите награди на натпреварите кои беа дел од обуката. Орде Ѓорѓиоски е прогласен за најдобар оратор на ораторската вечер и доби пофалница од Претседателот на Македонија. Виктор Ѓорѓиески, со својот тим, бранејќи боја со тематскиот говор, го освои првото место во “играта” и освои медал за најдобра презентација, а Зоран Јорданоски, со својот тим, победи во вежбата за создавање на држава и воспоставување на нејзините основи, преку избор на државни вредности и пишување говор. Резултатите кои ги постигнаа овие млади интелектуалци имаа несекојдневна можност да ги презентираат пред Претседателот на Ѓорѓе Иванов. Младите интелектуалци од Прилеп искажаа надеж дека ќе продолжи оваа практика и ќе прерасне во традиција. Изразија радост што биле избрани да се дел од обуката со учество на талентирани, интелигентни и добро образовани млади луѓе кои се иднината, и ќе ја водат земјава. Сметаат дека обуката е добра база за создавање мрежа на контакти со луѓе кои ги имаат сите предиспозиции да бидат идни лидери. Се потврди дека Македонија располага со, огромен интелектуален потенцијал млади во кои е потребно уште повеќе да се вложува за нивни напредок и прогрес на земјата. Обуката се организира да се соберат на едно место младите интелектуалци и потенцијални лидери, кои беа доквалификувани од домашни и европски експерти за зацврстување на лидерските вештини и за заедничко дружење. Обработувани биле теми, за јавно говорење, животна средина и одржлив развој, лидерство при користење на алтернативни извори на енергија, системи за стратешко информирање, решавање на проблеми, комуникациски вештини, управување со човечки ресурси, процес на донесување одлуки, креирање политики, меѓународни преговори, воено лидерство и многу други. Се организираа вежби, дебати, игри, проекции и сл. По дебатата со уредниците на највлијателните македонски медиуми, еден од новинарите напишал: “Огромен интелектуален потенцијал собран на едно место ги остави новинарите да размислат за функцијата на медиумите и да ги постават многубројните крајно издржани прашања кои им ги поставија младите лидери”. Учесниците беа млади интелектуалци од различна етничка и религиозна припадност. Тие станаа дел од групата на Кабинетот на Претседателот, преку која меѓусебно ќе комуницираат, ќе учествуваат на заеднички настани и ќе бидат следени во професионалната кариера.

Loading