БОСАНЦИ УЧАТ ЛОКАЛЕН РАЗВОЈ ПО ПЕЛАГОНИСКИ РЕЦЕПТ

Триесетчлена босанска делегација дојде во Прилеп да собира искуства за меѓуопштинска соработка и регионален економски развој. Претставници на осум општини од Б и Х се запознаа со позитивните зафати во Пелагонија, водени од заедничката агенција Пелагонија – Преда. Тие ги разгледаа ефектите од досегашните проекти од областа на инфраструктурата, земјоделството, туризмот и локалниот економски развој во Прилеп, Крушево, Битола и Ресен. Македонија и Б и Х се аспиранти за членство во ЕУ и НАТО. Разговаравме за позитивни искуства и заеднички да донесеме и по некое решение за подобра презентација на локалните самоуправи. Средбата е чекор и до средства од предпристапните ИПА – фондови на ЕУ, кои се отворени за проекти од регионален карактер или од заеднички интерес на повеќе општини од разни држави – рече Марјан Ристески, градоначалникот на Прилеп.

 Далибор Ѓериќ од Центарот за развој, менаџмент и планирање кажа дека преку преку нивната невладина развојна агенција имплементираат сличии проекти во Босна, како што се од Агенцијата за регионален развој на Пелагонија – Преда. Фокусот е локалниот развој на претприемништвото. Студиски посети на некои општини помагаат за размена на искуства. Сакаме да се обноват старите врски за индустриско заживување и на Добојскиот регион со 260 илјада жители. Имаше рафинерија и други индустриски комплекси, кои ќе се обидеме да живнат и да продонесеме и за развој на Пелагонија. Во принцип, во Б и Х има простор за мали, средни претпријатија и за развој на земјоделие и туризам. Сакаме да применеме некои ваши позитивни проекти на нашата почва во регионот на Добој – објаснува Ѓелиќ, на кој посебен впечаток му оставила долгогодишната соработка со развојната агенција Пелагонија – Преда. Марјана Милевска, директор на Пелагонија – Преда, вели дека на конференција за осум општини се сретнале претставници на двете развојни агенции и ја зацврстиле соработката. Почнавме преку проект за меѓуопштинска соработка во Босна. Сакавме да видат на лице место какви напори правиме за регионален развој и за меѓуопштинска соработка. Денес, почнуваме со студиското патување од Прилеп, како домаќин. Иницијативите од регионален карактер на Пелагонија – Преда, почнати пред три години, се видливи и реални. Отидовме на фарма да видеме како се реализира проектот со пиперките, ги видовме туристичките напори на Крушево, Битола… Ја презентиравме одлука на Владата во врска со средствата на трите општини Могила, Новаци и Битола, за производство на електрична енергија преку РЕК. Во Ресен видовме како се спроведува проектот за јаболкото и делот за рурален туризам. Ја презентиравме и хлорната станица во изградба за Долнени, Кривогаштани, Крушево. Ние сме млада агенција, но зад себе имаме повеќе проекти, со кои може и на терен да се покаже како соработуваат општините во нашиот регион – заклучи Милевска, првиот човек на Агенцијата за регионален економски развој на Пелагонија – Преда.

Loading