УЧИЛИШТАТА ВО КОНДИЦИЈА

Марјан Матракоски, советник за образование во општина Прилеп

Стокмени се основните, а на ред се сериозни зафати во средните училишта 

Интервенции и во училиштата во селата

 

Започна учебната 2010/2011 г. Околу 7500 ученици влегоа во основното и 4200 во средното образование во Прилеп. Условите за летните месеци се значително подобрени со реконструкции на училишните згради. Какви сé подготовки се извршени, е повод за разговор со Марјан Матракоски, советник за образование на градоначалникот при ЛС.

– Во какви услови започнува наставата во основното и средното образование?

Во делот во кој имаме најмногу ингеренции, покрај координирање на воспитно образовниот процес, е инвестирање во училиштата и подобрување на условите за настава. Реализирани се поголем број помали или поголеми зафати, претежно во основните училишта. Сега се насочуваме со инвестиции во средните училишта. Летово се реализира огромен проект од Кина со донација од над 300 илјади евра за реновирање на ОУ “Гоце Делчев”. Како резултат на соработката со Министерството за образование, во “Ѓорче Петров” ќе имаме ново централно греење. Се поставува котларница и за спортската сала, која се гради. Проектот во тек чини околу 4 милиони денари. Решен е и проблемот со котларницата во “Ристе Ристески – Ричко”. Имавме иневестиција во ОУ “Добре Јованоски” и поситни интервенции во речиси сите училишта – бојадисување, средување на санитарните јазли.

Какви се условите во училиштата во населените места?

Над 7-8 милиони денари инвестирани се во ОУ во Тополчани. Во Мало Коњари целосно е санирано училиштето. Опфатени се санации и на подрачните училишта. Вложувања имаше и во училиштето во Канатларци. Како што се обезбедуваат средства, според приоритети се реновираа поголем дел од училишните згради. Со проектот ИПА во вредност од 400 илјади евра ќе се заврши замената на надворешната столарија речиси на сите училишта. Санирано е училиштето во Мажучиште, во Селце, во Големо Радобил и други.

Како се подобруваат условите за одвивање на наставата?

Покрај реализацијата на проектот “Компјутер за секое дете”, средните училиште се опремени со најнови клупи и столчиња. Заменети се и половината во основните училишта. Дел од нагледните средства, училиштата ги набавуваат од сопствените извори. Се опреми ветеринарната амбуланта, лабораторијата во “Орде Чопела”. Се модернизира образованието и со набавка на нагледни средства.

Успеваат ли сите наставници да ги користат компјутерите во подготовка на наставата?

Едукацијата на наставниците се одвива неколку години. Тоа е обврска на Бирото за развој и Министерството за образование. Сите имаат лап топи и нивната професионална ориентација им налага користење на компјутерите во наставата.

Се намалува ли број на ученици во средните училишта и бројот на првачиња?

Лани имавме 917 осмоодделенци, а годинава 825 што значи влијаеше и врз формирањето на паралелките во средните училишта. Во наредниот период ќе следат анализи дали сите се запишале во средното образование. Опфатноста на учениците е речиси сто насто. Бројот на првачињата е сличен на ланскиот. Многу е подобрена сликата со ромската популација. Над 99 насто од децата се вклучени во образовниот процес.

РЕШЕНИЈА СО ПЕТ ГОДИНИ ИСКУСТВО

До каде е трансформирање на работниот однос на наставниците и администрацијата?

Перманентно трае трансформацијата на работниот однос, согласно со законот за работни односи за оние кои имаат над пет години работен стаж на исто работно место. Пролетва имавме над 30 решенија. Трансформирани се работните односи на сите кои ги исполнуваат условите.

НЕ СМЕЕ ДА СЕ НАПЛАЌА ОПШТА ШТЕТА

– Нема плаќање на отштета пред време. Ја плаќа тој што ја направил. Нема повеќе еден да крши, а сите да плаќаат. Најстрого е забрането да се наплаќа општа штета пред време.

НОВИ ДИРЕКТОРИ ВО ГИМНАЗИЈАТА И ВО МЕДИЦИНСКО

Во СОУ гимназијата “Мирче Ацев” в.д директор е Весна Михаилоска, проф. по македонски јазик. Вршител на должност директор во СОУ “Ѓорче Петров, назначен е Дејан Димовски, професор по физичко образование. Нивното назначување е на место на поранешните директори кои од разни причини поднесоа оставки.

Loading