УШТЕ ЕДНАШ ЗА ВОКАЛОТ “У” КАКО ПРЕФИКС

Грешаваме многу. Во сите области. Но, најчудните грешки ги правиме кога мислиме дека поправаме нешто и со тоа правиме уште една грешка. Мошне често се случува тоа со префиксот У. Како предлог У го нема во нашиот јазик. Ако сепак некаде се среќава тоа останува како локализам – “У куќата, У градот”. Се разбира, кај нас придавката е ВО – “ВО куќата, ВО градот”. Тука нема дилеми. Но У како префикс е доста продуктивен вокал во нашиот јазик. На пример: ПОТРЕБА – УПОТРЕБА, СЛУЖИ – УСЛУЖУВА и така натаму. Таму, каде што може У да се замени со В добро е. УВОД – ВОВЕД, УСЕЛИ – ВСЕЛИ, но, не може тоа секогаш така. И не треба. Голем број од нашиве луѓе сметаат дека префиксот (вокалот) У е српски и го исфрлаат и каде треба и каде не треба. Ќе набележиме само неколку примери.

Спортски коментатор од една телевизија ни соопштува дека “Реал” од Мадрид ќе ја ВГОСТЕЛ “Барселона”. Ако рече дека ќе ја УГОСТИ, мисли дека тоа ќе биде српски. А што правиме тогаш со една цела стопанска гранка – УГОСТИТЕЛСТВО? Дали и тоа У ќе го претвориме во В, па ќе речеме ВГОСТИТЕЛСТВО? А УГОСТИТЕЛИТЕ, УГОСТИТЕЛСКИТЕ работници ќе бидат ВГОСТИТЕЛИ и ВГОСТИТЕЛСКИ работници?!

Друг пример имаме со српскиот глагол УПЕРИТИ (УПЕРИО). Луѓето не знаат дека тој збор не е наш, мислат дека само вокалот У е туѓ. Го исфрлаат него, го заменуваат со В и така добиваат “чист” македонски збор. Колку ли пати сме слушале да се вели дека некој разбојник го извадил пиштолот, го ВПЕРИЛ во службеничката и ги побарал парите. Во многу преводи од телевизиските филмови сме имале можност да прочитаме дека некој го ВПЕРИЛ погледот во некого или во нешто. Погледот може да биде НАСОЧЕН и којзнае уште како! Некој може да УПАТИ поглед, да НАСОЧИ, да ПОГЛЕДНЕ право в очи и така натаму. А зошто нас не води некоја чудна желба да земаме туѓи зборови, обично српски, да ги калкираме, да ги “помакедончуваме”?! Зошто од едната грешка правиме две? УПЕРИТИ не е наш збор. Грешка е ако се употребува. Но, да го преправаме да го дотеруваме, да го фрламе У и да го додаваме В, правиме уште една грешка. А грешката е уште поголема кога имаме наши зборови. Кога имаме наши (не е потребно да бидат слични со српските) не е неопходно да земаме туѓи и буквално да ги преведуваме. Важно е да се најде збор или израз кој ќе ја одрази вистинската мисла, вистинското дејство.

Третиот пример е најчуден. Во еден дневен весник прочитавме статија во врска со боровиот четник. Тоа се всушност гасеници кои ги уништуваат боровите лисје (иглички), Се објаснува во весникот за фазата на развојот на овој штетник. На едно место пишува дека сега тој бил во фаза на ВБУШУВАЊЕ. Навлегувал во земјата, правел дупки и таму ќе престојувал до септември. Авторот на статијата и лекторот немале проблем со глаголот БУШИТИ кој не е наш. Ним им пречел префиксот У. Затоа тие си го “помакедончиле”, наместо српското У си ставиле В и си добиле “наш” збор. Тие не знаат дека БУШИ на македонски е ДУПЧИ. Тие сметале дека проблемот го создава само “туѓото” У и затоа го исфрлиле. Но, ако Србите имаат глагол УБУШИВАТИ, не е неопходно и ние да бараме во овој случај збор произведен токму од нашиот глагол ДУПЧИ. Може да се најде и друг збор дека гасениците се заземјувале, дека навлегувале в земја и така натаму.

А ВПЕРУВАЊЕ и ВБУШУВАЊЕ не само што не се наши,туку се запорничави и за изговор.

 

Благоја Ивчески 

Loading